Мицкоски рече дека очекува победа секаде каде што имаат кандидати во вториот круг и во Скопје, по што ќе размислуваат за ново парламентарно мнозинство
ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници од партиите кои се дел од коалицијата „Обнова за Македонија“, а на овие избори настапија надвор од коалицијата, најави денеска лидерот Христијан Мицкоски. Тој тука ги спомена општините Центар Жупа и Карпош.
Исто така, рече и дека во Чаир, Дебар, Гостивар и други места ќе ги поддржат кандидати на Алијанса/Алтернатива.
На прашањето дали во Куманово ќе го поддржат противкандидатот на СДСМ, Мицкоски рече дека за тоа дали ќе поддржат некој кандидат надвор од коалицијата ќе одлучат денеска или утре.
Мицкоски рече дека очекува победа секаде каде што имаат кандидати во вториот круг и во Скопје, по што ќе размислуваат за ново парламентарно мнозинство.
„Многу блиску сме до мнозинство во Советот на Скопје и тука ни е фокусот, да победи Данела во Скопје и сите кандидати на ‘Обнова на Македонија’. По ова, природно ќе се наметне прашањето за ново парламентарно мнозинство“,
изјави денеска Мицкоски по средбата со претставници на партиите дел од коалицијата „Обнова за Македонија“.
Тој денеска упати апел до сите опозициски партии, меѓу кои ја спомена и Левица, да се здружат за, како што рече, уривање на власта.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, пак, по завршувањето на изборите во неделата, на прес-конференција, прашан дали „Левица“ ќе ги повика своите гласачи да поддржат некој од кандидатите за градоначалници во вториот круг, рече дека засега остануваат на принципиелниот став дека нема да коалицираат со никого, но од општина во општина се можни преговори со опозициски партии.
„Тоа значи дека ќе почекаме да не викнат на преговори. Не исклучуваме преговори, но формални коалиции не верувам дека ќе има. Сепак, партиското раководство, Президиумот е тој што ќе ја донесе одлуката. Во меѓувреме ќе свикаме седница на Централниот комитет на која ќе треба да ги испегламе сите овие прашања и ќе го определиме курсот на нашето натамошно дејствување. Но, евидентно е опозициското настроение на народот и мислам дека тој курс ќе го држиме“,
изјави во неделата Апасиев.