Ова следува откако вчера градоначалничката Данела Арсовска на директорските позиции во две скопски претпријатија назначи кадри на ДУИ. Станува збор за Саид Саид кој ќе раководи со ЈП „Улици и патишта“ и Зухејр Реџепи кој ќе раководи со ЈП „Паркови и зеленило“. Како што објави Телма, се работи за членови на крилото во ДУИ познато како „огнена група“ кое неодамна со отворено писмо побара промени во партијата
Советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, на денешната седница на Градот ја честита новата коалиција помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и ДУИ, откако вчера Арсовска на директорските позиции во две скопски претпријатија назначи кадри на ДУИ.
Станува збор за Саид Саид кој ќе раководи со ЈП „Улици и патишта“ и Зухејр Реџепи кој ќе раководи со ЈП „Паркови и зеленило“.
„Сакам да ја честитам, еве вака јавно, новата коалиција помеѓу градоначалничката и ДУИ. Сигурна сум дека ако ова се случеше пред изборите, граѓаните немаше да дадат поддршка. Ако вие сметате дека ова е исправно, повелете тука дајте си оставка и излезете на избори со овие коалициски партнери“,
рече Андоновска.

Андоновска потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржи програмата „За модерно Скопје“, но, како што рече, на денешната седница има 16 точки, а нема ниту една точка од таа програма на дневниот ред.
„Ние ја поддржавме програмата ‘За модерно Скопје’, а денеска на оваа седница со 16 точки нема ниту една точка од таа програма за која ја поддржаа и граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за жал“,
додаде Андоновска.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера ги објави имињата на новите в.д. директори на неколку јавни скопски претпријатија на местото на претходните од ВМРО-ДПМНЕ кои или поднесоа оставки или беа разрешени од функциите во изминатиот период. Меѓу нив се и две имиња на членови на ДУИ – Саид Саид и Зухејр Реџепи.
Како што објави Телма, се работи за членови на крилото во ДУИ познато како „огнена група“ кое неодамна со отворено писмо побара промени во партијата.
Така, Саид Саид, претходно вработен во „Паркови и зеленило“, ќе го раководи ЈП „Улици и патишта“, додека на чело на „Паркови и зеленило“ доаѓа Зухејр Реџепи. И додека Саид е непознат за јавноста, Реџепи е син на поранешниот поглавар на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи.
Во саботата истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку јавно писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“.
Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.