ВМРО-ДПМНЕ бара промени во борбата против пандемијата со ковид-19, обвинувајќи ја Владата и Комисијата за заразни болести дека не преземаат мерки за справување со вирусот.
„Поминаа вонредни состојби, предкампања, кампања и избори. Мерките, и онака недоволни, превземени од Владата на СДСМ за борба против епидемијата со корона вирусот олабавија со цел спасување на економската криза, но всушност во функција на изборите. Сега кога изборите поминаа коронавирусот беснее, луѓе страдаат, докторите и сестрите гинат на работа, а мерки нема, Комисијата за инфективни болести ја нема, нема промени во борбата против епидемијата“,
рече на прес-конференција Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече дека изборите направија нови кластери на заболени од ковид-19, бидејќи не се почитувале мерките.
„Партиски функционери кои се декларираа за страсни чувачи и пазачи на мерките, во моментов, а и во минатиот период не ги почитуваа истите. Наместо дел од решението, станаа дел од проблемот. Бројот на заразени од корона вирусот се движи кон 10 илјади, а бројката на починати кон 500. Ковид-19 кризата само ја потврди неспособноста на Владата на СДСМ да менаџира со текот на епидемијата и здравствениот систем. Здравствениот систем се движи кон работ на пропаста. Наместо решенија и здравствени политики остана на популизам и политикантство, што не е дозволиво и во некои други, а не во овие тешки времиња. Македонија стана црна точка во регионот и пошироко. Не знаат дали ова е пик на првиот бран или е вториот бран, не ги знаат кластерите, не ги знаат изворите, не знаат што да превземат и како да настапат. Не мислат како да се справат со кризата и навистина не знаат. Ќе беше добро да послушаа нешто од предлозите на експертите и да променеа нешто во цел спасување на животи. Ако не знаат им препорачуваме и ним и на граѓаните на Република Македонија, има кој знае“,
рече Јаневска.