Власта знае дека огромно мнозинство од народот што ќе излезе на референдум ќе гласа за поништување на договорот со Бугарија и затоа бега, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Антимакедонската СДС подготвува план и тоа, исплашени од народот, да ја отфрлат иницијативата за референдум, вели Миле Лефко, член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
„Свесни се дека над 60 отсто од Македонците го поддржуваат референдумот и би излегле на истиот, тие подготвуваат сценарио тој воопшто и да не се случи. Во таквото сценарио главна улога треба да одигра Талат Џафери, кој само ќе го спроведе даденото од Ковачевски“,
рече Лефков на денешната прес-конференција.

Власта, додаде Лефков, знае дека огромно мнозинство од народот кој ќе излезе на референдум ќе гласа за поништување на договорот со Бугарија и затоа бега.
„Народот ќе излезе на референдум затоа што знае дека договорот со Бугарија е коренот на сите негации на македонскиот јазик, историја, идентитет. Референдум мора да има, затоа што тој е највисока форма на демократија. Апелираме до антимакедонската СДС и Ковачевски да не се дрзнат да го помножат народот со нула“,
порача Лефков.
Дополнително, праша тој, ако власта верува дека договорот со Бугарија е добар и тој има поддршка кај народот, тогаш зошто се плаши да го стави на референдум? Или, пак, признаваат дека лажат и манипулираат целиот овој период и потпишале договор кој не е согласно волјата на народот, рече Лефков.
„ВМРО-ДПМНЕ даде уште една понуда до власта, ако е уверена во своите политики и поддршката кај народот, тогаш ајде заедно со референдумот да излеземе и на предвремени парламентарни и претседателски избори. На еден трошок да се организираат тројни избори. За државата да добие власт што ќе работи во нејзин интерес“,
порача Лефков.
Николоски: Македонците бараат од ЕУ ист третман како и за државите што веќе станаа членки
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, во интервју за новинската агенција В4НА вели дека Македонците ќе можат на референдум да одлучуваат за договорот за пријателство со Бугарија.
,,Најголемата опозициска партија во земјата собира потписи за иницијативата. Договорот потпишан со Бугарија во 2017 година е основата на барањата на Софија. Бугарија со години става вето на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Македонците бараат од ЕУ ист третман каков што им го даде на другите земји членки кои веќе се приклучија на блокот“,
вели Николоски.

Николоски порачува дека референдумот е најдобар и најдемократски начин народот да го каже своето мислење.
„Ова е најважното прашање за нас, меѓу другото, затоа што Македонија е блокирана во нејзината интеграција во ЕУ, а ветото доаѓа од Бугарија“,
рече тој.
Сител најави отфрлање на иницијативата како неуредна
Обвинувањата на опозицијата дека власта планира да ја отфрли Иницијативата за референдум траат неколку дена.
Вчера, Телевизијата Сител, повикувајќи се на неофицијални извори од владејачкото мнозинство, пренесе дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, најверојатно, нема да го помине собранискиот филтер.
Попрецизно, телевизијата тврди дека е извесно сценариото – иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум да биде оценета како неуредна. Основата за таков заклучок, велат анонимни пратеници од владејачкото мнозинство за Сител, е што иницијативата е упатена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ во петокот и официјално до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на постапката за референдум на кој граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.