Додека бара оставки од министерот Филипче и од Комисијата за заразни болести, опозицијата продолжува со масовните протестни собири
ВМРО-ДПМНЕ вечерва преку соопптение повика утре во 12.30 часот на граѓански протест пред Регулаторната Комисија за енергетика во центарот на Скопје, поради зголемувањето на цената на струјата и генерално против политиките на власта.
„Поради неспособноста на Владата, предводена од СДСМ и Зоран Заев, граѓаните од ден на ден живеат се посиромашно. Поради неспобноста на оваа Влада да се справи со пандемијата од месец март до денес над 40 000 граѓани ги изгубија своите работни места и се оставени без никакви примања… Во период на пандемија го зголемија и јавниот долг за 1 милијарда евра, и без никаков срам СДСМ се дрзна да покачи даноци и давачки на граѓаните односно ја покачија сметката за струја за проценти“,
се нагласува во соопштението.
Утрешниот протест на кој повикува најголемата опозициска партија е продолжение на неколкуте што се одржаа во изминативе два месеци, од кои неколку беа против покачувањето на цената на струјата, против преговорите со Бугарија за Гоце Делчев, за правда, против криминалот и вчерашниот против аерозагадувањето.
Во меѓувреме, градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на опозициската партија Митко Јанчев го откажа протестот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за смена на партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Протестот беше најавен за понеделник, но Јанчев го откажа по, како што рече, сугестија на Комисијата за заразни болести, која се спротиставува на какви било собири и групирања поради ситуацијата со ковид-19. Тој најави онлајн протест.
