Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ нема одговор дали парцелите се добиени по пат на денационализација и ги упати новинарите да го прашаат министерот Филипче

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека министерот за здравство Венко Филипче, заедно со сопругата, нејзините родители и газдата на фирмата „Синерџи“ – Горан Филипов се сосопственици на 11 катастарски парцели во Нерези, со вкупна површина од 13.506 м2.
Стоилковски вели дека согласно урбанистичкиот план, за споменатите локации е предвидена намена А4, односно времено сместување, а дека Филипче и останатите градат семејна куќа.
„Под времено сместување се подразбира градби на хотели, мотели, викендици, старски домови и други објекти за времено сместување. Ова, пак, е дијаметрално спротивно со истакнатата табла пред објектот што се гради и на која стои дека се гради семејна куќа. За семејна куќа треба да стои намена А1“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Опозицијата тврди дека министерот Филипче и сопственикот на „Синерџи“ Филипов, со години споделуваат заеднички имоти, влегуваат во заеднички инвестиции, а Филипче му одобрува тендери.
„Дали тендерите доделени на семејно врзан партнер не создаваат конфликт на интереси? Дали градежната намена од А4 која опфаќа и старечки домови не било тема на состанокот на Филипче со Боки 13? Како со чесна плата се стига до 13.500 м2 на Водно? Дали можеби освен Филипче и семејството на неговата сопруга има уште некој друг близок до Филипче со имот во непосредна близина? Ќе изникне ли Шпанско село 2 на падините на Водно, пред очите на институциите додека Филипче го заврши министерскиот мандат? Ова се само дел од прашањата за кои Филипче но и институциите мора да одговорат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ немаше одговор на прашањето дали парцелите се добиени по пат на денационализација и ги упати новинарите да го прашаат министерот Филипче.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ објави дека постои уште една заедничка градба во Нерези на тештата, бабата на Филипче и на Горан Филипов, сопственик на фирмата „Синерџи“.