Во соопштението од владејачката партија не е наведено за кои навреди на Битиќи кон министерката за финансии реагираат, но според видеоснимката од вчерашната жестока расправа за ребалансот на буџетот пред матичната собраниска комисија, во дел од својата дискусија, обраќајќи им се своите колеги од владејачкото мнозинство, пратеникот вели: „Имате уште да одите надолу и во тоа ве сместија сметководителката и професоров“, мислејќи притоа на Димитриеска-Кочоска и на заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение најостро ги осуди, како што велат од партијата, навредите што пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, ги упатени до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на вчерашното продолжение на расправата за ребалансот на буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Оценувајќи ги како ниски и подмолни, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Битиќи ја навредил Димитриеска-Кочоска, која, како што додаваат, освен што е носител на јавна функција, е и жена, мајка, ќерка и активен граѓанин на Република Македонија, човек со интегритет и докажана професионалност.
„Нападите и омаловажувањата искажани од Фатмир Битиќи се одраз на слаб и исплашен човек. Само човек кој е несигурен во себе прибегнува кон ниски напади врз жена, сопруга и мајка“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања наместо јавноста да го препознава по професионалноста и својата работа, тој е познат единствено по својата етничка припадност во Социјалдемократскиот сојуз, врз која, според ВМРО-ДПМНЕ, ја гради својата политичка кариера.
„Веројатно и во СДС, а сигурно и Албанците, исто како и Македонците, се срамат што го имаат Фатмир Битиќи. Освен по тоа што по својата вокација беше неспособен министер за економија, ќе остане запаметен како дел од неспособниот и криминален мозаик на тандемот ДУИ-СДС. Човек без кредибилитет и без доволно домашна култура навредува друг човек во отсуство на аргументи за расправа“,
велат од владејачката партија.
Во соопштението не е наведено за кои навреди на Битиќи кон министерката за финансии реагираат, но според видеоснимката од вчерашната жестока расправа за ребалансот на буџетот пред матичната собраниска комисија, во дел од својата дискусија обраќајќи им се своите колеги од владејачкото мнозинство пратеникот вели:
„Ви кажав и пак ќе ви кажам, вие може да навредувате, можете во политичката дискусија да ги ставите членовите на нашите семејства, но ви кажав дека бездната во која пропаѓате е многу длабока. Имате уште да одите надолу и во тоа ве сместија сметководителката и професоров, а вие можете да нè пцуете, но пцовките нема да ве извадат од бездната“,
рече Битиќи.

По паузата за да се смират тензиите, која ја даде пратеничката од СДСМ и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, на Битиќи му реплицира неговата колешка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која рече дека потценувачки ја ословил министерката за финансии како сметководителка, а заменик-министерот Николче Јанкуловски, исто така со потценувачки тон го нарекол професорот.
„Да се обидам да му реплицирам на експертот по економија за кој не важат ниту едни други економисти ниту економски струки коишто сите знае да ги понижи и омаловажи, а потоа нели да изигрува дека е голема жртва. Вашата експертиза, г. Битики, можеше да ја види целиот македонски народ, во периодот кога бевте вицепремиер за економски прашања. Поради вашата експертиза, министерката за финансии потценувачки ја ословивте како сметководителка и заменикот-министер, исто така со потценување професор, бидејќи вие сте биле експерт којшто тука моли да држи часови некому часови, веројатно оти нема студенти таму каде што треба да ги држи, токму поради вашата експертиза овие двајца луѓе кои доаѓаат тука заради буџетот работното време во текот на денот им изнесува 10,12,13 часа“,
рече Стојаноска.

