Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лидерот на СДСМ давал поддршка и мобилизирал луѓе за изборот на актуелниот градоначалник на Гостивар, Велбон Лимани, кој вчера изјави дека не чувствува морална одговорност за случајот со загадената вода во гостиварскиот водовод. Оттаму прашуваат и дали Филипче го поддржува ставот на Лимани, кој, како што велат, без срам отфрла одговорност за грешките на луѓето кои ги има назначено
Венко Филипче нема кредибилитет да бара одговорност за состојбата во Гостивар – коментираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го лидерот на опозицискиот СДСМ дека собира дневнополитички поени со обвинувањата дека власта ги загрозува основните човекови права на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче давал поддршка и мобилизирал луѓе за изборот на актуелниот градоначалник на Гостивар, Велбон Лимани, кој вчера изјави дека не чувствува морална одговорност за случајот со загадената вода во гостиварскиот водовод. Оттаму прашуваат и дали лидерот на СДСМ го поддржува ставот на Лимани, кој, како што велат, без срам отфрла одговорност за грешките на луѓето кои ги има назначено.
„Со ликови со криминално минато и богато полициско досие, како Зоран Трифуновски, СДС нема кредибилитет да морализира за скандалот во Гостивар. Сомнителни ликови со криминално минато, како организацискиот секретар Зоран Трифуновски, се во првите редови во СДС. Особено е несфатливо што Венко Филипче држи лекции за функционирањето на здравствениот систем, имајќи предвид дека како министер за здравство имаше бројни скандали кога десетици илјади луѓе умираа од корона, а тој мислеше само на провизиите од вакцини“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија го обвини лидерот на СДСМ дека однапред ја суди и пласира сценарија за нови епидемии, на тој начин обидувајќи се да создаде паника кај граѓаните
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно денеска од Гостивар ја обвини власта за загрозување на основните човекови права – на здравје, здрава почва и чиста вода. Праша зошто Центарот за јавно здравје не го испитувал квалитетот на водата секојдневно и зошто здравствените власти не реагирале веднаш кога се случил првиот наплив на пациенти во болницата.
