„Ќе ја поддржиме оваа иницијатива, нема да ја кочиме, нема да ја блокираме. Но, мора да бидеме отворени и да си кажеме дека навистина има пропусти, има работи кои можат да бидат подобрени и тоа како да си ја унапредиме нашата Армија. Да имаме додадена вредност, а не да даваме пари за нешто што веќе го имаме, само што не се одржува“, рече Ковачки
„Надвор од секое нормално дејствување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред изборите, во дел на техничка влада“, рекоа денеска преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ
Владата минатата недела донесе одлука за набавка на повеќенаменски и транспортни хеликоптери од Италија. Таа во четвртокот (14 март) беше едногласно поддржана и на комисијата за одбрана во Собранието, а за неа глас даде и Драган Ковачки, член на комисијата и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, иако имаше и неколку забелешки.
Првата забелешка на Ковачки на седницата на комисијата беше за формулацијата дека се набавуваат повеќенаменски транспортни хеликоптери. Рече дека таква терминологија не познава во ресорот Одбрана и посочи дека хеликоптерите или треба да се повеќенаменски или да се транспортни. Посочи и дека се сомнева во изборот на воздухоплови, а смета и дека со оваа набавка Армијата не добива додадена вредност. Праша и дали хелокоптерите се НАТО-компатибилни.
„Начинот на кој се изведува ова купување не е коректно ниту кон државата ниту кон граѓаните. Но, моето мислење ќе го зачувам за после изборите. Ако веќе ги купуваме, да се направат обиди да заживее центарот за обука за пилоти, кој сме го платите 50 милиони, а за жал од претходната министерка тој беше уништен, ќе ја поддржиме оваа иницијатива, нема да ја кочиме, нема да ја блокираме. Но, мора да бидеме отворени и да си кажеме дека навистина има пропусти, има работи кои можат да бидат подобрени и тоа како да си ја унапредиме нашата Армија. Да имаме додадена вредност, а не да даваме пари за нешто што веќе го имаме, само што не се одржува“,
рече Ковачки на седницата.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска рекоа дека власта треба да ја стопира оваа одлука во изборен период и за тоа посочуваат дека треба да одлучува идната влада.
„Надвор од секое нормално дејствување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред изборите, во дел на техничка влада“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што, како што велат, не ја зголемува борбената готовност на Армијата.
„Дополнително, никој не знае како е избрана фирмата ‘Леонардо’ и зошто не се избрани другите компании меѓу кои и американската компанија и германско-францускиот конзорциум“,
рекоа од партијата.
На оваа тема зборуваше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој рече дека скандалозно е ваква набавка да се прави во предизборен период. Праша и дали Македонија навистина има потреба од транспортни хеликопрети.
„Станува збор за хеликоптери кои ќе бидат за транспорт на персонал, не за борбени хеликоптери, така што одбранбената готовност на Армијата и на Македонија со ова не се подобрува. Во познат изборен период, со распишани претседателски и парламентарни избори се трошат пари. Тоа е расипништво, а може да им се дадат на општините да ги решат проблемите“,
рече тој.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера изјави дека e уверена во исправноста на одлуката за набавката на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ и верува во стручноста на тимот што ја донел таквата одлука.
„Апсолутно немам дилеми. Јас знам дека некои структури во Република Северна Македонија овој процес на модернизација го гледаат како закана кон себе, а не кон државата. Напротив, не се сложувам дека ова е непотребно трошење пари. Затоа што минатиот период беа поставувани многу прашања, за тоа до каде сме со набавката и на хеликоптери и на дронови. Знаете како, многу е лесно да обвинувате или да излегувате со теории на заговор. Јас реков, бев и во Собранието и на брифинг со новинарите во Скопје, ако има било каков сомнеж за корупциски скандал, јас сум апсолутно подготвена да се соочам со тоа, ако има било какви докази, а јас сум уверена дека нема докази, бидејќи верувам во исправноста на одлуката којашто интегрираниот проектен тим ја донесе“,
рече Петровска.
Таа додаде дека неколку компании доставиле понуди и смета дека е непрофесионално да се обвинуваат професионалците на Армијата за каков било корупциски скандал.
„Што се однесува конкретно за компанијата, имајте предвид дека склучивме и договор влада со влада, обвинување кон било која компанија значи обвинување и кон Владата на Република Италија дека е дел од корупциски скандал. Мислам дека тоа дипломатски е недозволиво“,
рече Петровска.
Владата на седница одржана на 12 март соопшти дека Министерството за одбрана ќе набавува повеќенаменски транспортни хеликоптери, со склучување договор влада со влада, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италијанската Република.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веќе најави дека во изборната единица 3 носетел ќе биде пратеникот Драган Ковачки, а дека во „четворката“, носител ќе биде Александар Николовски.
Ковачки кариерата ја поминал во специјалните единици на војската, а потоа бил и дел од военото разузнавање.
Според неговата биографија, тој бил и дел од специјалните единици на одбраната во 2001 година и дипломец на првата генерација на Воената академија.