Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако Македонија сама произведуваше струја наместо да обезбедува преку договорот за снабдување од Бугарија, македонските фирми ќе плаќаа за половина поевтина струја
Дуото Ковачевски, Васко и Димитар Ковачевски, ја донесе Македонија во состојба на недостаток на струја и несигурност дали фирмите ќе можат да ја платат струјата без да отпуштаат работници, обвини денеска на пресконференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Договорот за снабдување со струја од Бугарија, во количина од околу 5 гигавати дневно, по цена која циркулира во јавноста од 400 евра по мегават час, ќе ја чини Македонија, односно македонските фирми, 2 милиони евра секој ден. Оваа струја доколку се произведеше во Македонија, доколку работеа РЕК „Битола“ и „Осломеј“ со полн капацитет, ќе чинеше не повеќе од 60 евра по мегават час, а во ТЕЦ „Неготоно“ не повеќе од 170 евра по мегават час. Односно струјата што Македонија ќе ја купува од Бугарија е со 3 до 6 пати повисока цена“,
рече Митева.
Според опозициската партија, за период од 180 дена, колку што ќе трае договорот за увоз, кон Бугарија ќе бидат исплатени над 360 милиони евра.
„Струјата од 200 мегавати на час е струја која може да се обезбеди од третиот блок во РЕК „Битола“, доколку власта обезбедеше јаглен и го оспособеше истиот. Тогаш наместо 2 милиона евра дневно за струја, ќе се трошеа не повеќе од 350 илјади евра. А за целиот период наместо 360 милиони евра, македонските фирми за струја ќе потрошеа не повеќе од 60 милиони евра. Истата струја од Бугарија, можеше да се супституира со вклучување на втората турбина во ТЕЦ Неготино, доколку се обезбедеше за неа навремено мазут, со што ќе се добиеја 110 мегавати, а за дополнителните 90 мегавати ќе можеше да се надоместат од ТЕ-ТО, доколку исто така навреме се снабдеше државата со гас по нормална цена“,
вели Митева.
Во ВМРО-ДПМНЕ пресметале дека ако бизнисот се снабдувал со домашна струја, тоа ќе го чинело за половина поевтино.
„Фирмите немаше да плаќаат скапа струја, доколку претходно владата не се трудеше да става провизии на увозот на јаглен и мазут и навремено се снабдеше. Струјата ќе беше поефтина и доколку владата навремено преговараше за закуп на дел од производството, како што сега го прави во Бугарија во истата или во некоја друга држава, но тоа да го направеше пред половина година, а не како сега во 12:05“,
посочи Митева.
Порача дека ако е ова планот на Ковачевски за справување со енергетската криза, тогаш тој да не прави повеќе планови, обвинувајќи дека заради неговите планови сега илјадници фирми ќе биле пред затворање.