„Да бевте нормални, ќе ви речевме засрамете се, но кај вас срамот е апстрактна категорија и не разбирате што тоа чувство всушност значи. Соопштенијата на СДС се толку нелогични што на моменти имаме чувство дека од таму нема човек кој пишува или дава насоки, туку одговара некоја првична неразвиена верзија на „чет џи-пи-ти“ (chat GPT) која беше позната по тоа што пишуваше неповрзани, необмислени и нереални работи“, се вели во дел од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од опозициската партија
Информацијата дека е поднесена кривична пријава против началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието, Африм Гаши, по минатонеделниот инцидент на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи денеска беше повод за меѓусебни обвинувања меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија преку писмено соопштение велат дека откако од власта не успаеле да го сокријат скнадалот со „пиштолџијата на Гаши“, МВР го потврди скандалот „за кој со денови предупредуваше СДСМ, но ВМРО-ДПМНЕ очигледно сака да удри по самарот, а да молчи за нарачателот“. Оттаму бараат одговорност од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и дополнително го повикаа Обвинителството во целост да ја спроведе истрагата и да лоцира одговорност кај Гаши, кој, како што велат, не смеел да отстапува од надлежностите.
Од СДСМ ја искоментираа и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната прес-конфереција со косовскиот премиер Албин Курти дека следниот пат како домаќин лично ќе присуствувал на аеродромот со Османи за да се избегне ваков тип инциденти. Кажа и дека сите функционери без разлика од каде доаѓаат, па дури и тој или, пак, претседателката на С Македонија, мора да поминат низ одредени процедури, иако тој лично не го користел ВИП-делот на аеродромот.
„Мицкоски влезе во улога на полицаец и обезбедувач кој во иднина ќе ja спроведувал лично претседателката на Косово, Вјоса Османи, да се избегнеле скандали. Оваа изјава е скандал сама по себе. Дали ова значи дека во иднина тој лично ќе ѝ гарантира дека не треба да ги помине и почитува пропишаните процедурите? Каква е оваа порака на непочитување кон професионалците од МВР и аеродромот кои доследно ги спроведувале процедурите? Со ова Мицкоски потврдува дека повторно доаѓа време кога законите не важат, а процедурите може да се кршат според волјата на султан Мицкоски и неговите коалициски партнери“,
напишаа од СДСМ.
Во писмена реакција на обвинувањата на СДСМ, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека во време на владата на Мицкоски има кривична пријава за инцидентот на обезбедувањето на Гаши, додека во времето на Заев, Филипче и Ковачевски, тоа се ставало под тепих.
„Има разлика. Од жешките плажи на монденските места низ светот очигледно интернетот не допира најдобро и пишувачите на плитки соопштенија во СДС не можат да добијат соодветни насоки. Очигледно е дека СДС тотално погрешно интерпретира или сака да интерпретира изјава на претседателот на Владата, Мицкоски, повторно поради фактот што не успеваат никако да ги сфатат причините зошто изгубија катастрофално на минатите избори“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија дополнително велат дека токму поради ова потценувачко однесување на СДСМ кон јавноста и граѓаните, од опозициската партија мислат дека ако кажат лага, секој ќе им верува, макар и кога јасно се слуша што кажува Мицкоски на прес-конференцијата.
„Да бевте нормални, ќе ви речевме засрамете се, но кај вас срамот е апстрактна категорија и не разбирате што тоа чувство всушност значи. Соопштенијата на СДС се толку нелогични што на моменти имаме чувство дека од таму нема човек кој пишува или дава насоки, туку одговара некоја првична неразвиена верзија на ‘чет џи-пи-ти’ (chat GPT) која беше позната по тоа што пишуваше неповрзани, необмислени и нереални работи. А вработените и раководството се на колективен одмор на неопределено време. Или некој пак им зема пари за да им води пи-ар за глупости. Во прилог што значи зборот срам. Се надеваме дека некој таму ќе се подзамисли за ова“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, во која од партијата наведуваат примери со именката срам.
Претходно денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали инцидентот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги влоши односите помеѓу двете земји, премиерот Мицкоски рече дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври минатата година, а разликата помеѓу тогаш и денес е што сега, според него, постои јавност, која е информирана, за разлика од минатото кога овие два случаи не биле обзнанети.
Инаку, од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С. С. сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.
„Пријавениот С. С. на 1.8.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен аеродром ‘Скопје’ на паркингот пред ВИП-салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен аеродром ‘Скопје’, кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП-салонот, му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на своите службени дејствија“,
се вели во соопштението на МВР.
За кривичната пријава засега нема реакција од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и од коалицијата на партиите на Албанците во власта – „Вреди“.