ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела, додаваат од најголемата опозициска партија
Правото не познава предлози за министри „празно место”, му одговорија од ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Димитар Ковачевски откако тој посочи дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
„Меѓудругото токму поради ваквите евтини трикови и надмудрувања кои беа очекувани од СДС и Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ повика да се укине техничката влада, што Ковачевски истото го одби. Со цел да се постапи државнички и одговорно ВМРО-ДПМНЕ прифати да учествува во техничката влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела, додаваат од најголемата опозициска партија.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“,
рече Ковачевски во изјава за медиумите по одбележувањето на празникот Богојавление-Водици во Скопје.