Според ВМРО-ДПМНЕ, Талат Џафери во текот на целиот свој мандат ги толкува законските прописи на начин само нему разбирлив. Нормативите се јасни, велат од партијата и додаваат дека Џафери не можел да применува членови од Деловникот кои се однесуваат на измени на закон, кога станува збор за измени на Устав

И денеска продолжуваат реакциите од ВМРО-ДПМНЕ околу собраниската седница за уставните измени која беше прекината по завршување на расправата, а претседателот Талат Џафери најави дека гласањето дополнително ќе биде закажано.
„Џафери мандатот го започна со кршење на Уставот, го завршува со кршење на Деловникот, одговорност ќе има“,
се вели во денешното соопштение испратено од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Талат Џафери во текот на целиот свој мандат ги толкува законските прописи на начин само нему разбирлив. Нормативите се јасни, велат од партијата и додаваат дека Џафери не можел да применува членови од Деловникот кои се однесуваат на измени на закон, кога станува збор за измени на Устав.
„Џафери не смеел да ја прекине седницата, и морал да ги стави на гласање уставните измени. Џафери го прекрши Деловникот само за да не се изрезили власта, а со тоа си стави уште едно кршење на процедурите околу врат“,
се додава во соопштението.
Џафери, велат од ВМРО-ДПМНЕ, знае дека во моментот кога ќе ги стави уставните измени на гласање тие ќе паднат и ќе нема друг избор освен да се распишат избори, од кои власта бега.
„Талат Џафери со бегството од ставање на гласање на уставни купува ден или месец повеќе власт за ДУИ и СДС“,
велат од партијата.
Обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон Талат Џафери имаше и вчера, кога на прес-конференција пратеникот Миле Лефков рече дека собранискиот спикер спротивно на Деловникот за работа на законодавниот дом ја одложил точката за гласање за потребата за отворање на Уставот во петокот.
Лефков рече дека гласањето според Деловникот морало да се случи во петокот кога беше завршен претресот по оваа точка и имаше обезбедено кворум за гласање.
Тој, изнесувајќи го ставот на опозициската партија, рече дека претседателот Џафери свесно го прекршил Деловникот за работата на Собранието за да им овозможи, како што кажа, на ДУИ и СДСМ да останат на власт ден повеќе и повика собранискиот спикер да се вразуми и да ги стави уставните измени на гласање.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги отфрли овие обвинувања и рече дека причина за прес-конференцијата на која даде образложение е одговорноста која ја чувствува пред граѓаните, а не да им одговара на, како што рече, оние што ги знаат собраниските процедури.
Џафери рече дека постапил врз основа на членот 81 од Деловникот, но кажа и дека врз основа на политичка проценка е донесена одлуката седницата да биде прекината по последниот пратеникот што дискутираше на расправата и за продолжение на истата соодветно дополнително ќе бидат известени пратениците. Оваа моја одлука произлегува од членот 81 став 1 од Деловникот, рече Џафери.
Околу тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека седницата требало да се води врз основа на друга глава која се однесува на промена на Уставот, Џафери рече дека Главата десет од Деловникот (членовите 193, 194) се однесуваат на предлагачот на уставните измени.
Во врска со околностите поради кои беше прекината седницата Џафери рече дека тие се од политичка природа и дека за нив биле разменети мислења на координација со шефовите на пратеничките групи.