Иако СДСМ објави документи кои, според партијата, потврдуваат дека кандидатката за градоначалничка на Скопје се стекнала со бугарско државјанство во 2011 година, од ВМРО-ДПМНЕ единствено демантираат дека таа нема бугарска патна исправа
ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција по прес-конференцијата на која СДСМ објави документ, според кој кандидатката за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство од 2011 година. Иако СДСМ објави документи кои, според партијата, потврдуваат дека Арсовска е државјанка на Бугарија, од ВМРО-ДПМНЕ единствено демантираат дека таа нема бугарска патна исправа.
Од опозициската партија велат дека не е првпат СДСМ, како што наведуваат, да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши.
„Ваквата црна кампања досега е незапаметена и таа е последица на стравот од пораз на Шилегов и Заев.
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ дрско лаже и манипулира за наводен бугарски пасош на Данела Арсовска. Во целост ги демантираме ваквите невистини и ниту една црна кампања, вклучително и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска нема да им помегне да го одбегнат поразот. Потсетуваме дека не е прв пат СДСМ да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши, тоа станува дел од нивната стратегија, додека Заев врши притисоци врз членови на историската комисија да потпишат тоа што Заев во четири очи договорил да продаде со бугарската власт. Ваквите лаги нема да го спасат ниту Шилегов од пораз и одговорност за прекумерното богатење додека е на државна функција. Четири стана и две хациенди е учинокот на Шилегов како градоначалник“,
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, попладнево, на прес-конференција, објави документ од бугарското Министерство за правда, како доказ дека Арсовска, пред околу една деценија, се стекнала со бугарско државјанство, за што указот го потпишал вицепретседателот на Бугарија.
Пред првите парламентарни избори во Бугарија годинава, лидерот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, објави дваесетина имиња на бугарски гласачи, кои се исти како и имињата на поранешни и сегашни пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеа дека станува збор за лажна вест, со која тогашниот бугарски вицепремиер се обидувал да му помогне на Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш најавуваше предлог за законски интервенции со кои би се оневозможило лица со двојно државјанство да бидат пратеници. Од СДСМ, пак, возвратија дека би прифатиле таков предлог доколку тој важи и за овој собраниски состав.