„Дополнително никој не знае како е избрана фирмата ‘Леонардо’ и зошто не се избрани другите компании меѓу кои и американската компанија и германско-францускиот конзорциум“, соопштија оттаму
Откако Владата пред неколку дена ја усвои одлуката Министерството за одбрана да набави транспортни хеликоптери од Италија, а министерката Славјанка Петровска вчера рече дека е уверена во исправноста на оваа одлука, денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека власта треба да ја стопира оваа одлука во изборен период и за тоа посочуваат дека треба да одлучува идната влада.
„Надвор од секое нормално дејствување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред изборите, во дел на техничка влада“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што, како што велат, не ја зголемува борбената готовност на Армијата.
„Дополнително никој не знае како е избрана фирмата ‘Леонардо’ и зошто не се избрани другите компании меѓу кои и американската компанија и германско-францускиот конзорциум“,
соопштија оттаму.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат и како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера изјави дека e уверена во исправноста на одлуката за набавката на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ и верува во стручноста на тимот што ја донел таквата одлука.
Петровска истакна и дека својот потпис го ставила бидејќи верува во луѓето кои го спроведуваат овој процес.
„Апсолутно немам дилеми. Јас знам дека некои структури во Република Северна Македонија овој процес на модернизација го гледаат како закана кон себе, а не кон државата. Напротив, не се сложувам дека ова е непотребно трошење пари. Затоа што минатиот период беа поставувани многу прашања, за тоа до каде сме со набавката и на хеликоптери и на дронови. Знаете како, многу е лесно да обвинувате или да излегувате со теории на заговор. Јас реков, бев и во Собранието и на брифинг со новинарите во Скопје, ако има било каков сомнеж за корупциски скандал, јас сум апсолутно подготвена да се соочам со тоа, ако има било какви докази, а јас сум уверена дека нема докази, бидејќи верувам во исправноста на одлуката, којашто интегрираниот проектен тим ја донесе“,
рече таа.
Таа додаде дека неколку компании доставиле понуди и смета дека е непрофесионално да се обвинуваат професионалците на Армијата за каков било корупциски скандал.
„Што се однесува конкретно за компанијата, имајте предвид дека склучивме и договор влада со влада, обвинување кон било која компанија значи обвинување и кон Владата на Република Италија дека е дел од корупциски скандал. Мислам дека тоа дипломатски е недозволиво“,
вели Петровска.
Петровска посочи дека постапката е почната од 2019 година, а ќе чини околу 230 милиони евра. Средствата се обезбедени од буџетот за оваа година.
Владата на седница одржана на 12 март соопшти дека Министерството за одбрана ќе набавува повеќенаменски транспортни хеликоптери, со склучување договор влада со влада, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италијанската Република.