Ковачевски смета дека она што е постигнато на лидерската средба е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа

ВМРО-ДПМНЕ да се држи до искажаното на прес-конференцијата што беше по лидерската средба на 7 јуни, рече премиерот Димитар Ковачевски денеска и ги повика заеднички да ги донесат одлуките што се значајни за иднината на државата.
Ковачевски смета дека она што е постигнато на лидерската средба е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа.
„Лидерската средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ не е против промена на Уставот. Второ, дека не е против вклучување на други народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи и четврто дека оваа Влада има легитимитет бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата при што веднаш и беше понудено братски 50 – 50 местата на СДСМ да бидат отстапени половина на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Владата која ќе стапи на функција по отворањето на Уставот. И таа желба му беше исполнета така што практично сите работи што беа поставени, беа прифатени“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на санација на системот за наводнување „Макарија“ кај Росоман.
Според него, овие теми на маса се одлична основа за работата да продолжи на оперативно ниво низ работни групи кои ќе можат да ги договорат деталите.
„Бидејќи сепак се работи и за детали, кога почнува Владата да функционира, кога се гласаат уставните измени, се работи за рокови. Сметам дека оваа одлука треба да се донесе заедно, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ исто така се наоѓа во позиција којашто не е најпријатна бидејќи една голема партија да не гласа ниту една одлука која што е значајна за стратегиските цели на државата, тие не поддржаа ниту договор со Грција, ниту членство во НАТО, ниту договор за добрососедство, ниту преговарачката рамка, ниту договорот Фронтекс. Навистина е непријатно кога самите не знаат да ги објаснат“,
додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека ова е многу важна одлука за државата и тоа треба да се направи заеднички.
„Сметам дека оваа е многу важна одлука за државата и треба да се направи заедно. Мислам дека тие ќе изнајдат сила да го направат тоа“,
рече Ковачевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не успеале ниту да излобираат кај тројцата пратеници од сестринските партии да гласаат за Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг.
