Според владејачката партија, купувањето и пренамената на земјиштето се изведени во период додека Венко Филипче е министер, а Зоран Заев премиер
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска обвини дека Венко Филипче е избран за претседател на СДСМ за ги штити интересите на семејствата Заеви и Филипче. Како аргумент за ваквото тврдење, Лефков ја искористи изградбата на фотоволтаична централа од 1,5 мегавати во Дојран, во која инвеститори се браќата на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, и на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„На крајот на минатата 2023 година, Вице Заев и Никола Филипче, братот на Венко, формираат заедничка фирма под името ‘Фос имерас’. Сопственици на ‘Фос имерас’ се две компании. ‘Тотал инженеринг’ од Струмица во сопственост на Вице Заев и ‘Плус нетворк’ од Скопје, чиј сопственик е Никола Филипче.
Никола Филипче, брат на Венко Филипче, ја купува земјата во Дојран, на која сега е изградена фотоволтаичната централа од 23 000 м2 во 2021 година, кога министер за здравство е неговиот брат.
Додека Венко Филипче е министер за здравство во владата на Зоран Заев, неговиот брат преку Министерството за транспорт добива дозвола за пренамена на земјиштето со цел изградба на фотоволтаична централа. За неполн месец градоначалникот на Дојран од редовите СДС го менува ДУП и овозможува Филипче да ја гради централата“,
изјави денеска Лефков.
Според опозицијата, Филипче е претседател на СДСМ за да може уште некој градоначалник од партијата да направи добра основа за бизнис-зделка на нему блиски луѓе.