Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да има ревизија на судската постапка за случајот „Млечен“, кој во јавноста стана актуелен пред неколку дена откако беше донесена условна казна за возачот што усмрти маж, а неговата сопруга го загуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди.
„Ревизијата е нешто што најмалку може да се спроведе во моментов и да се истера правдата на виделина, а ожалостеното семејство едноставно да добие правда на своја страна. Ваква нефункционалност и политичка инструираност на судски инстанци и институции не е видена досега. Но, за жал, ова не е прв случај на неправда, има повеќе. Неодамна беше и пресудата за убиството на млад кошаркар и тинејџер во Ново Лисиче од пред извесно време, каде што исто така и таму не беше задоволена правдата и јавноста бурно реагираше на пресудата. Оваа влада на СДСМ е најкорумпираната, која единствено носи судски пресуди само онака како што им одговара на Зоран Заев и мафијата на власт“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие додаваат дека судиите носат селективни одлуки во корист на власта и обвинуваат дека Владата ќе се пресметува со неистомислениците.
„Ќе нарачува обвиненија, ќе монтира случаи, ќе избира подобни обвинители и судии, ќе си го амнестира криминалот. Зоран Заев и СДСМ во наредното нивно стерилно соопштение нека одговорат кој одговараше за криминал во државата додека тие се на власт. Тие што треба да одговараат се најблиску во скутот на Зоран Заев“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.