Една недела по одржувањето на вонредните локални избори во Марвово-Ростуше, Центар Жупа и Тетово најголемите политички партии се уште не можат да се докажат кој победил, а кој загубил.
Владејачката СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ доживеала дебакл, за опозициската партија, пак, резултатите се повод за предвремени парламентарни избори.
„Антимакедонската СДС се плаши од избори, затоа што Ковачевски никогаш повеќе нема да биде премиер. Антимакедонската СДС знае дека народот не ги поддржува нивните деструктивни политики, а тоа се гледа и од изборниот резултат во Тетово. ВМРО-ДПМНЕ го победи СДС во сооднос 2:1. Поразот на СДС во Тетово, ќе биде пораз за СДС во цела Македонија. Со противењето на идејата за избори, бегајќи од соочување со народот, антимакедонската СДС покажува само колку се мизерни и себични, за ден повеќе на функции се подготвени да ја банкротираат државата.“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека бројот на луѓе во сиромаштија само ќе се зголеми со, како што се вели во соопштението, бандата на антимакедонската СДС на власт.
Од владејачката СДСМ, пак, велат дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со денови молчел за резултатот вонредните локални избори.
„Зашеметен од шамарот што го доби од граѓаните, драстичниот пад на гласовите за ВМРО-ДПМНЕ и изборниот пораз на првото изборно соочување со СДСМ, откако на чело на партијата е Димитар Ковачевски. Ниту збор од Мицкоски за тоа што со разлика од 1.300 гласа беше поразен нивниот кандидат за градоначалник на Маврово Ростуше, кој воедно е член на Извршниот комитет на партијата. Ниту збор од Мицкоски за тоа што не успеа да ги блокира изборите во Центар Жупа и победи кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Двојната победа на СДСМ и коалицијата во Центар Жупа и Маврово Ростуше и значителниот пад на гласовите за ВМРО-ДПМНЕ во Тетово покажаа дека граѓаните не сакаат деструкции и блокади, туку напредок, развој, европска држава и европски вредности.“,
се вели во дописот.
Анализата на изборите во Тетово покажува дека само Движењето Беса има зголемен број на гласови, додека двете најголеми партии имаат пад од по околу 700 гласа.
На изборите во Маврово-Ростуше победи кандидатот на СДСМ, Медат Куртовски со 60 отсто од гласовите, додека во Центар Жупа единствениот кандидат за градоначалнк Аријан Ибраим успеа да собере цензус бидејќи излезноста беше 47,46 проценти.
Маврово-Ростуше и Центар Жупа добија градоначалници (360stepeni.mk)