„Арсовска влезе во историјата како најнеспособниот градоначалник и единствена на која ѝ успеало да банкротира претпријатие. Таа треба да си поднесе оставка зошто е неспособна и ги измами скопјани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Вината за колапсот во ЈСП, Арсовска, пак, ја префрли кон партијата со чија поддршка победи на локалните избори минатата година – ВМРО-ДПМНЕ, односно кон Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, нарекувајќи ја неспособна. Од партијата ја обвинија дека поради неа денеска илјада семејства останале без плата, а милион граѓани во главниот град се без јавен превоз.
Додека таа се договара со себе кој е виновен, велат оттаму, ЈСП пропаѓа.
„Арсовска влезе во историјата како најнеспособниот градоначалник и единствена на која ѝ успеало да банкротира претпријатие. Таа треба да си поднесе оставка зошто е неспособна и ги измами скопјани“,
наведуваат од партијата.
И покрај тоа што Скопје за првпат во својата историја остана без јавен превоз, градоначалничката Данела Арсовска не смета дека треба да си поднесе оставка од функцијата. Вината за колапсот во ЈСП Арсовска ја префрли кон партијата со чија поддршка победи на локалните избори минатата година – ВМРО-ДПМНЕ.
Во изјава за Сакам да кажам Арсовска вели дека оставка треба да си поднесат одговорните за управувањето со ЈСП, односно Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат дека за состојбата во ЈСП вчера за Арсовска била виновна владата, а денес, како што велат, виновен е Управниот одбор на ЈСП којшто наводно го упропастил претпријатието.
„А Управниот одбор одлучува по материјали што ќе му ги достави директорот“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Она што е добро, велат од партијата, е тоа што Градот ја конечно ја прифатил иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распределбата на средства за плати во ЈСП.