Од партијата оценија дека до вчерашниот насилен упад во Македонската навигација дошло откако претходно се извршил притисок врз претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, кој бил повикан во полициска станица со образложение дека упатил закани до двајца од тројцата директори на М-НАВ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмена реакција за вчерашниот инцидент во М-НАВ побара Јавното обвинителство да покрене обвинение за кривично дело насилство против лицата кои упаднаа во објектот и заедно со еден од вработените нападнаа други тројца вработени во институцијата.

„Овие закани и напади врз вработените и предизвикан страв не се нарушување на јавниот ред и мир, туку типично кривично дело насилство и треба веднаш да реагира Јавното обвинителство. По овој скандал, досега требаше да има барем неколку оставки, од директорот на М-НАВ, до министерот Бочварски, па сè до безгласниот премиер. Но, очигледно е тоа дека нема да се случи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Од партијата оценија дека до вчерашниот насилен упад во Македонската навигација дошло откако претходно се извршил притисок врз претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, кој бил повикан во полициска станица со образложение дека упатил закани до двајца од тројцата директори на М-НАВ.
„Кога власта виде дека овој притисок само уште толку ги обедини вработените во институцијата, каде што со оставки се заканија околу 30 вработени, почнаа со нова темна операција, со вклучување партиски војници и директни физички напади. За каква власт говориме кога партиска војска може слободно да влезе во една од најзаштитените институции и да изврши физички напади врз контролори за летање само поради тоа што застанале во одбрана на своите права и во одбрана на институцијата во која професионално работат. Ова ли е начинот на кој ДУИ и СДС ќе не внесуваат во Европа? Ова ли се европските вредности кон кои се стремиме?“,
додаваат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ го прозваа и Министерството за транспорт и врски со кое раководи Благој Бочварски, а од каде што вчера соопштија оти немаат надлежност да влијаат врз интерните постапки за вработување во М-НАВ ниту, пак, врз финансиската самостојност на оваа институција.