ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за избор на нов претседател на Унијата на млади сили (УМС) и членови на раководството на Унијата на ветерани, што е почеток на, како што велат, кадровското освежување.
„ВМРО-ДПМНЕ почнува со процесот на кадровско освежување и катарза најавено од страна на претседателот Христијан Мицкоски. Во таа насока, а врз основа на Статут од денес распишуваме два јавни повика, првиот за избор на претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, а вториот за избор на членови на претседателството на Унијата на ветерани“,
велат од партијата.
Оттаму ги повикуваат сите што ги исполнуваат условите да се пријават на повикот.
„Сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината. Се поттикнуваат да се кандидираат сите кои ги споделуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ, визијата за развој на Република Македонија како и оние кои се чувствуваат подготвени своето професионално знаење да го стават во функција на напредокот на државата“,
пишува во повиците.
Објавата на повиците следуваат откако партијата го смени Статутот нецела седмица по парламентарните избори на кои коалицијата на опозициската партија освои два мандата и околу 12 илјади гласа помалку од коалицијата на СДСМ.