Од СДСМ да покажат фактури за обезбедената помош, да објаснат од каде нашле пари и како одлучуваат кому ќе поделат хуманитарни пакети, побара потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој ја обвинува власта дека ги поткупува граѓаните и ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да го испита случајот.
„Имаме сознание дека се работи за директен поткуп на гласачи. Ова е акција планирана за изборите кои требаше да се одржат на 12 април и се обидуваат да прават поткуп на граѓаните, што е тешко казниво дело. Бараме Антикорупциската комисија да поведе постапка против СДСМ и да провери на кој начин се обезбедени овие таканаречени донации. Сметам дека има основа за покренување кривична одговорност за врвните одговорни лица во СДСМ“,
рече Николоски на денешната прес-конференција
Реакцијата на опозициската партија доаѓа откако генералниот секретар на СДСМ, Љупо Николоски, на Фејсбук објави фотографии како со своите сопартијци дели хуманитарни пакети во Крива Паланка. Во фејсбук-објавата, Николовски вели дека се доделени 200 пакети на кризниот штаб во Крива Паланка, но на фотографиите се гледа делење помош по куќи.