Како земја сме се справиле и со потешки ситуации, ќе се справиме и од излегување од рецесија, а особено сме покажале дека економијата е доволно флексибилна за да се справи со сето тоа ако има добар партнер во Владата, вели вицепремиерот за економски прашања

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека во период на криза дури и влегувањето во рецесија не е најстрашното што може да се случи, но вели дека многу е важно одлуките што ги носат сите чинители да имаат ефект.
„Како земја сме се справиле и со потешки ситуации, ќе се справиме и од излегување од рецесија, а особено сме покажале дека економијата е доволно флексибилна за да се справи со сето тоа ако има добар партнер во Владата, а ние покажавме дека во период на ковид и тоа како има добар партнер. И затоа јас не стравувам многу дали ќе влеземе во рецесија“,
рече Битиќи вечерва во гостување во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма.
Ефектот што сака да се постигне е, како што рече, да го намалиме притисокот за зголемувањето на инфлацијата на ниво на коешто ќе биде неиздржливо.
Битиќи смета дека доколку се одржиме на проекциите на крај на годината просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 отсто.
„Ние ако се одржиме на проекциите мислам дека на крај на годината просекот во цела година ќе биде отприлика 10 до 11 отсто инфлација во една од најтешките години со низа на кризи. Сметам дека е доста добра стапка на инфлација, и да кажеме, разумна за нашата економија за да може да се покрие наредниот период. Неразумно е се што е над 20 отсто“,
рече Битиќи.
Тој се осврна и на преговорите за набавка на струја со Бугарија и посочи дека се додека има преговори ние не велиме дека сме се откажале.
„Впрочем преговорите се отвораат за да преговараш“,
рече Битиќи.
Во тој контекст, Битиќи, ја нагласи важноста на јавните средства бидејќи, како што посочи, на крајот на денот стопанствениците коишто евентуално би ја добиле електричната енергија со евентуална набавка или договор што ќе би се постигнал со Бугарија и со која било друга земја може утре да излезат и да кажат сега плаќаме, 70, 80 или 100 евра повисока цена отколку што би платиле да почекавте една недела.
Тој повтори дека владата обезбедила гарантирана цена на струјата за 70 000 субјекти од приватниот сектор во регулираниот пазар и порача дека државата со 80 отсто ја субвенционира цената на електричната енергија за сите корисници кои се на регулираниот пазар.
„653 000 домаќинства и 70 000 приватни субјекти кои се на регулираниот пазар денес се обезбедени со субвенционирана цена на струјата, тоа е струја која 100 отсто доаѓа од домашно производство. И досега за ова субвенционирање сме потрошиле 240 милиони евра“,
посочи Битиќи додавајќи дека сите домашни капацитети се ставени во фунцкија за поголемо производство на електрична енергија.