Според објаснувањето на професорката кога има врнежливи години подобри се условите за размножување на крлежите и затоа во тие периоди опасноста за населението е поголема. Вирусот, како што вели Стефановска, не исчезнува во сушно време, само потешко се шири

Вирусот конго-кримска хеморагична треска повеќе се развива на влажно и врнежливо време, иако тој е присутен и кога временските услови се суви, вели професорката Јована Стефановска од Ветеринарниот факултет во Скопје во изјава за Канал 5.
Според објаснувањето на професорката, кога има врнежливи години, подобри се условите за размножување на крлежите и затоа во тие периоди опасноста за населението е поголема. Вирусот, како што вели Стефановска, не исчезнува во сушно време, само потешко се шири.
„Свесни сме дека вирусот опстанува во Македонија, циркулира и поголем ризик за заболување на населението е во години кога имаме обилни врнежи, влажна пролет и есен, кога летата не се многу суви и топли. За намалување на популацијата на крлежи временските услови имаат огромна улога, во смисла кога имаме топли и суви лета, апсолутно влијаат на намалување на популацијата на крлежи бидејќи секое исушување е неповолно за одвивање на нивните развојни циклуси. Не сите крлежи се докажани како вектори, односно носители и преносители на вирусот. Некои се вектори, а други не и тоа се должи на нивната биологија“,
вели професорката.
Во Македонија, денеска лекарите потврдија дека има трет случај на заразен од конго-кримската хеморагична треска. Пациентот, кој е на Инфективната клиника, е 42-годишен велешанец за кој директорка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, Милена Стевановиќ, вели дека можно е тој да се заразил додека рибарел на Вардар во област со висока и густа трева.
Стевановиќ рече дека епидемиолози (од Институтот за јавно здравје) и ветеринари (од Агенцијата за храна и ветеринарство) се на терен за да заловат инсекти што треба да помогнат во потрагата по одговорот – каде и како се заразил велешанецот. Резултатите од теренските проверки се очекуваат вечерва или утре, по што се најавува заседание и на Комисијата за заразни болести за да се дискутира – зошто по толку години оваа болест повторно се појавува во земјава.
Првиот случај на конго-кримска хеморачна треска беше потврден кај девојка на возраст од 27 години од селото Кучица, Штип, која почина. Таа била касната од крлеж.
Вториот случај на заразен е болничарка која била во контакт со девојката од Штипско за време на нејзиниот престој на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Вирусот се пренесува на човек, пред сè, од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско. Смртноста достигнува и до 40 отсто, пишува на официјалната интернет-страница на Институтот за јавно здравје.