Тој уште еднаш порача дека работата треба да ја сфатат многу сериозно затоа што напуштање на институции не е политички, туку прагматичен чин во услови кога се врши континуиран притисок врз Општина Карпош
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска повтори дека Општина ќе ја напушти Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) доколку дел од министрите и претседателот на ЗЕЛС не го коригираат својот однос кон оваа единица на локалната самоуправа.

Јакимовски, на денешната прес-конференција пред седиштето на Општината, обвини власта не ја сфаќа сериозно неговата најава за напуштање на ЗЕЛС. Тоа, како што кажа, се гледа од тоа што на неговата и најавата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, наместо од ЗЕЛС одговор доаѓа преку медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, во кои ваквиот потег се оценува како незаконски, неодговорен, неинвентивен и инфантилен.
Ова, вели Јакимовски, јасно покажува дека ЗЕЛС е само обичен партиски општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ и дека ЗЕЛС не е никаков заштитник и промотор на идеите и развојот на локалната самоуправа.
„Ова само јасно покажува дека г. Орце Ѓорѓиевски е само една обична фигура или само една обична кукла на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика таму ја креира токму неговата партија. И составот на Извршниот одбор на ЗЕЛС и Надзорниот одбор на ЗЕЛС е креиран токму од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и тоа се причините повеќе да им укажеме уште еднаш дека или ќе го коригираат нивниот однос или ќе го напуштиме ЗЕЛС затоа што со вакви недолични и навредливи памфлети коишто тие ги пишуваат само покажуваат дека не ја сфатиле пораката“,
рече Јакимовски.
Во насока на ваквите обвинувања, тој ги прозва министерот за транспорт Александар Николоски затоа што не сака да потпише урбанистички план за Општината, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради поднесените кривични пријави против Јакимовски и вработени во Општината и министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со проблемот со греењето на училиштата на територијата на Карпош.
„Тие не се инфантилни и работат по закон, а ние сме тие што сме егзибиционисти и бараме наводно простор во медиумите. Јас отворено ќе им кажам. Само вие мислите на избори, само вам ви се изборите во глава и ништо повеќе од тоа. Ние си ја работиме нашата работа. Тоа што ви е обврска по закон должни сте да го направите без разлика дали ви се допаѓам, без разлика дали ти се потпишува или не, тоа што се исполнети услови тврдам и со закон ти си министре Николоски должен да го потпишеш. Дали ја сакате општина Карпош и мене или не, вие сте должни да обезбедите греење и нормално функционирање на училиштата во Општина Карпош. Дали ме сакате мене или не, вие сте должни да ги гласате програмите за работа во Општина Карпош. Што ни преостанува нам друго освен да излеземе во јавност и да кажеме дека ако министерот за локална самоуправа не влијае врз своите колеги на начинот на однесување кон една локална самоуправа или повеќе, бидејќи во конкретниот случај се работи и за Струмица и ако претседателот на ЗЕЛС ова немо го посматра и го гледа и не преземе чекори во насока на вразумување на министри и дел од неговите партиски колеги тогаш нема зошто ние да бидеме дел од овие институции. Очигледно тие институции не функционираат и не придонесуваат за развојот на Карпош и тогаш ќе го продолжиме сами патот“,
изјави градоначалникот на Општина Карпош.
Тој наведе дека на барање на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски, се договориле од понеделник да разговараат за настанатите проблеми, но уште еднаш порача дека работата треба да ја сфатат многу сериозно затоа што, како што кажа Јакимовски, напуштање на институции не е политички туку прагматичен чин во услови кога се врши континуиран притисок врз Општина Карпош.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС вчера изјави дека се надева оти ќе надвладее разумот и градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката.
Ваквиот потег на двајцата градоначалници вчера во изјава за МИА го коментираше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој рече дека ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата.
Од Општина Струмица вчера официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради односот на Владата со одбивањето на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.
Во врска со ваквите наводи на Општина Струмица денеска се огласи и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој рече дека законска обврска на локалната самоуправа е да обезбеди пивка вода за пиење за граѓаните. Интенцијата, рече Трипуновски, била да помогнат затоа што локалната самоуправа не успеала да го изменаџира процесот. Трипуновски рече дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да ѝ се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење.
„Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа“,
рече Трипуновски одговарајќи на новинарски прашања по денешната дебата во Владата посветена на земјоделството, локалната самоуправа и животната средина.