По претставувањето заклучоците од страна на Мизрахи во кои политичка одговорност, меѓу другите, се лоцира и кај ексминистерот Венко Филипче, реагираа пратениците членови на СДСМ, кои истакнаа дека не се согласуваат со овие заклучоци оти, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ
Членовите на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“ денеска не можеа да се услогласат околу заклучоците од досегашната работа на Комисијата за утврдување на политичка одговорност.
Претседателката на Анкетната Комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
По претставувањето заклучоците од страна на Мизрахи, реагираа пратениците членови на СДСМ, кои истакнаа дека не се согласуваат со овие заклучоци оти, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочија дека ќе бараат оставка од Рашела Мизрахи како претседателка на Комисијата.
По паузата на комисиската седница која ја даде Мизрахи, пратениците од СДСМ кои се членови на Анкетната комисија побараа Основното јавно обвинителство итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите.
Предложија ова да биде првиот заклучок од Анкетната комисија.
„Постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените на ЗЗЗ со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ преставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло“,
се вели во заклучоците на пратениците од СДСМ.
Со нив се бара да се донесе нов начин на финансирање на целокупниот здравствен систем и имплементација на track and trase системот согласно искуството од земјите на ЕУ, модернизација и регионализација на онколошките центри ширум државата.
„Набавката на Централен систем за терапија со нефункционален софтвер и недоволен кадар, не ја исполнил намената за која бил набавен. Со набавката на биолошка терапија од 2017 нагло се зголемува долгот на Клиниката, посебно од 2022 година, но и бројот на пациенти кои се третираат со истата“,
се дел од заклучоците понудени од СДСМ и коалицијата.
Потребно е, се вели, воведување законски измени за редовни превентивни прегледи за заштита на здравјето на граѓаните.
„Да се спроведат препораките на ДЗР и да се донесат измени во Законот за јавни набавки. Да се обезбеди редовна и квалитетна набавка на лекови на иновативна биолошка терапија, врз основа на измените на Законот директно од производителот. Продолжување на постапката за ревидирање на позитивната листа. Да не се набавува опрема, без соодветен функционален систем и без обезбеден простор и персонал за работа, а опремата и апаратите кои се во функција, веднаш да се стават на располагање на пациентите“,
е наведено во предложените заклучоци доставени до Мизрахи, а ги соопшти пратеникот Ненад Коциќ.