И додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека прави криминални зделки и мести тендери, оставајќи го народот без леб како во времето на транзицијата, од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека со мерката за замрзнување на цената на лебот го штитат стандардот на граѓаните
Во низата обвинувања кои власта и опозицијата си ги разменуваат катадневно, деновиве е актуелно обвинувањето во кое главен фокус е – ни помалку ни повеќе – лебот. Обвинувањата следуваат откако пекарите, лути на одлуката на Владата да ја замрзне цената на лебот, од средата не го испорачуваат основниот прехранбен продукт до маркетите и до помалите продавници.
И додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека прави криминални зделки и мести тендери, оставајќи го народот без леб како во времето на транзицијата, од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека со мерката за замрзнување на цената на лебот го штитат стандардот на граѓаните.
„Власта предводена од СДС и ДУИ се заборави од местење тендери и терање на криминални зделки, а народот го остави на страна и без леб. Власта не успева да се организира буквално за ништо кога станува збор за граѓаните, а организацијата им е добра само за тендери и бркање профити на поединци. Граѓаните во меѓувреме страдаат“,
велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.
Од владејачката партија, пак, велат дека со мерката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари нема да дозволат некој да профитира на грбот на граѓаните и да го осиромашува народот.
„Одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на најмногу 33 денари е оправдана, фер и во интерес на граѓаните. Институциите предводени од СДСМ преземаат сѐ за да се заштитат граѓаните и нивниот стандард, во време на глобална економска криза“,
велат од СДСМ.
Од партијата упатија и обвинување до ВМРО-ДПМНЕ оти е против заштита на стандардот на граѓаните и дека бара поскап леб за граѓаните.
„Според јавните изјави, ВМРО-ДПМНЕ смета дека граѓаните треба да плаќаат поскап леб, дека цената на лебот не треба да биде замрзната и дека е оправдано некој да профитира на грбот на народот. Наместо да застане зад интересите на граѓаните, во време на глобална криза, ВМРО-ДПМНЕ под заложништво на Левица застана зад профитерите“,
обвинија од Социјалдемократскиот сојуз.
Ваквите обвинувања, пак, од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираат и велат дека тие немаат ништо против ниските цени на лебот. Додаваат дека граѓаните не би биле доведени до состојба да бидат оставени без леб доколку власта би ги прифатила мерките кои ВМРО-ДПМНЕ ги нудела пред една година.
„Пред една година зборуваме дека треба да се направат одредени корекции на одредени параметри, зголемување на стоковите резерви, давање на брашно на производителите, намалување на цените на нафтените деривати преку акциза и еден куп мерки. Сите тие беа во една насока да не стигнеме до она кое што го чувствуваме денес, а тоа се повисоките цени, не само на лебот, тука и на другите прехранбени производи“,
изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Меѓусебните обвинувања на релација СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ следуваат откако Владата донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Ова ги разлути пекарите кои сметаат дека ваквата одлука не е во ред. Поради тоа, од средата тие не испорачуваат леб во маркетите и помалите продавници, а граѓаните се оставени да се снаоѓаат и да купуваат леб од локални бурекчилници или, пак, самите да си прават.