Владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери, на редовната средба со собраниските известувачи.
Опозициските пратеници до вчера попладне со долги говори и реплики ја блокира оваа седница.
Џафери не прецизира како власта и опозицијата се договориле за гласање по овие закони, туку само кусо кажа: „Прашајте ги Мицкоски и Заев“, рече претседателот на парламентот.
Неговата улога, како што вели, била само во тоа што ја продолжил седницата по полноќ до изгласување на првата точка.
На утрешното продолжение на 123. седница треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова година.

Пред денешниот почеток на собраниската седница за пратенички прашања, пратениците од владејачкото мнозинство одржаа координација со лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
В сабота во 17 часот во Владата ќе одржи средба меѓу Заев и Мицкоски, која според владини извори ќе биде за техничката влада.
Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта.