Вирусот не смее да служи како покритие за воведување инвазивен или широко распространет дигитален надзор, се наведува во заедничката изјава на 103 меѓународни НВО
Зголемената употреба на технологиите за дигитален надзор во борбата против пандемијата со ковид-19 не смее да ги загрози човековите права, се наведува во денешната заеднилка изјава на 103 меѓународни невладини организации, меѓу кои и Хјуман рајтс воч и Амнести интернешнл.
НВО ги повикаа владите да покажат лидерство во справувањето со пандемијата со почитување на човековите права при користење на дигитални технологии за следење на комуникациите и на движењето на луѓето.
“Ковид-19 предизвика досега невидена здравствена криза, но владите не смеат да го користат вирусот како покритие за да воведат инвазивен или широко распространет дигитален надзор. Сите мерки за набљудување мора да имаат правна основа, да бидат строго прилагодени за да се исполни легитимната цел за заштита на јавнотоа здравје, како и да содржат заштитни мерки од злоупотреба“,
вели Дебора Браун, виш истражувач за дигитални права на Хјуман рајтс воч.
Владите, според групата на НВО, сè повеќе се свртуваат кон дигиталниот надзор за да го следат и развојот на пандемијата. Во моментов има извештаи дека 24 држави вршат следење на телекомуникациските локации, а 14 држави користат апликации за следење на спроведување на карантин.