Во сообраќајната незгода со телесна повреда, констатирана од лекар од Итната медицинска помош Штип, се здобил возачот на автомобилот во кој се превезувала министерката, а во кој имало и уште една вработена во нејзиниот кабинет

Попладнево на патот Штип – Радовиш се случила сообраќајна несреќа меѓу две возила, а во едното од нив, кое било во сопственост на Владата, се превезувала министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, соопштуваат од Секторот за внатрешни работи Штип.
„На 5 јануари 2024 во 17:28 часот во СВР Штип е пријавено дека на патот Штип – Радовиш во близина на село Лакавица, Штипско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило ‘шкода’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Влада на Република Северна Македонија, управувано од 53-годишниот Г. А. од Скопје, во кое се превезувала министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и вработена во кабинетот, Н. Д., од Скопје“,
велат од СВР Штип, пренесува МИА.
Второто патничко моторно возило „пасат” со швајцарски национални ознаки било управувано од 48-годишниот М. Ј. од село Мокриево, Општина Ново Село, кој, како што информира СВР Штип, бил со четири сопатници во возилото.
Во сообраќајната незгода со телесна повреда се здобил возачот на „шкодата“, Г. А., која била констатирана од лекар од Итната медицинска помош Штип.
Досега не се пријавени повреди на друго лице.
Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Штип и јавен обвинител.