Одговорајќи му на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој кажа оти одлуката на владата е задоцнета, министерот за економија Крешник Бектеши апелира опозицијата да излезе со конкретни предлози, а не да изнесува невистини и да блокира
Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба до 30 април 2023 година која беше утврдена од Владата, денеска се најде на седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, а ако го помине собранискиот филтер, треба да почне да се применува од 1 октомври. На дневен ред на седницата на Комисијата е и Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје
Предлог-одлуката на Владата за продолжување на кризната состојба до 30 април идната година денеска се најде на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
Министерот за економија, Крешник Бектеши за време на седницата кажа дека продолжувањето на рокот е поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите со електрична енергија, а целта е, како што кажа, да им се помогне на граѓаните, стопанството и институциите.
„Овој предлог доаѓа како последица од енергетската криза која е последица, пред се, на геополитичките случувања. Менаџирањето со енергетскиот сектор е интегрирано врз основа на врските што ги има земјава со регионот и ЕУ, но поврзано е и со капацитетите за извоз, како и со производствените капацитети со единствена цел – да се задоволат барањата. Апелирам, сите членови на Комисијата и пратениците да придонесат со конкретни предлози за да им помогнеме на сите – и на домаќинствата, особено на поранливите, и на бизнисот и на институциите“,
истакна Бектеши, образложувајќи ја Предлог-одлуката.
Одлуката е добра, но е задоцнета, реагира пратеникот Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кој истакна дека тоа што Владата го презема сега, требала да го направи уште лани.
„Требаше да најдете складишта за нафта или да се изградат нови, станици за втечување гас, алтернативни извори на енергија, мерки за зголемување на енергетска ефикасност во домовите и индустријата“,
рече Стојановски.
Според него, клучна забелешка на опозицијата за енергетската криза е дека народот и стопанството плаќаат многукратно повисока цена за струјата, но не само поради руско-украинскиот воен конфликт, туку и поради институциите кои не можат да испорачаат соодветни решенија.
„Ако во првиот дел од годинава потрошивме 450 милиони евра за да ја зауздаме кризата, а не постигнавме ништо, како ќе успееме сега со 70 милиони евра?“,
праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Одговорајќи му на Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, министерот Бектеши апелира опозицијата да излезе со конкретни предлози, а не да изнесува невистини и да блокира.
„Вкупно 172 милиона евра се потрошени од државниот буџет за ублажување на кризните состојби, а не 450 милиони како што велите. Пред една недела, согласно владината одлука, се префрлени уште 50 милиони евра, што значи дека не се повеќе од 230 милиони евра. Не кажувајте невистини пред јавноста и пред вашите колеги кои знаат за што гласале“,
му рече Бектеши на Стојановски.
Во однос на складиштата за нафта кои ги спомена Стојановски, Бектеши кажа земјава има складишта на нафта и државни резерви, но оти нема складишта за природен гас. Дополнително, министерот истакна дека очекувал конкретни предлози од опозицијата за изградба на складишта за природен гас.
„Можеби ќе ве искара партискиот лидер Мицкоски за она што го кажавте околу енергетиката тука. Ова го велам зашто Осломеј не работеше неколку години, а сега целосно е ставен во функција. Неколку години таму не се прави ископ на јаглен. Согласно Стратегијата за енергетика беше предвидено Осломеј да се затвори од минатата власт. Но, Стратегијата е ревидирана согласно случувањата и планот за производство на електрична енергија. Во наоѓалиштата во Битола само еден рудник беше отворен, Суводол. Пред година – година и пол се отвори и новиот рудник во рамки на Суводол, а во наредните денови ќе се отвори и Живојно. Што се направи во минатото за да се отвори Живојно? Немаше ни иницијатива. Ова е вистината за која може да доставиме и документи“,
потенцира Бектеши.
Министерот додаде дека е подготвен да зборува со опозицијата за конкретни предлози и мерки, за фискалните импликации, за тоа дали и како да им се помогне на училиштата, клиниките, јавните претпријатија.
Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба до 30 април 2023 година која беше утврдена од Владата, денеска се најде на седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, а ако го помине собранискиот филтер, треба да почне да се применува од 1 октомври.
Во август годинава Владата донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на подрачјето на Град Скопје и на целата територија на земјава. Одлуката почна да се применува од 1 септември, а според одлуката, постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија треба да трае 30 дена од денот на нејзината примена.
На дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за безбедност е и Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.