Експретседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, кој се бараше со национална потерница, денеска околу пладне сам се пријавил во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, неофицијално дознава „360 степени“.
Панчевски се бараше по налог на велешкиот суд кој му одреди триесетдневен притвор поради непојавување на рочишта за предметот за кој е обвинет. Тој се сомничи дека го злоупотребувал системот за распределба на предмети на судии – АКМИС во времето кога беше на чело на Кривичниот суд во Скопје.
Судењето за овој предмет требаше да почне минатата есен. Надлежен суд е велешкиот откако Апелација донесе ваква одлука за да спречи сомнеж за пристрасност на судии во скопскиот Кривичен суд каде што работеше Панчевски.