Македонската православна црква – Охридска архиепископија се оградува од изјавата на свештениците од Повардарската епархија во која тие ги поттикнуваат верниците да доаѓаат во црквите, што е спротивно на препораките на здравствените власти кои порачуваат граѓаните да останат дома за да се спречи опасноста од ширење на коронавирусот.

Портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, за „360 степени“ вели дека верата нѐ учи на разум, а не да бидеме безразумни.
„Една работа е да се прскаат улиците со света вода, а друга работа е да се почитува ред и поредок, како што беше кажано – да се држи дистанца, да се одржува хигиена, сето она што е препорачано од стручните служби во државата и не само кај нас, туку во целиот свет“,
вели владиката Тимотеј.
Свештеник од Кавадарци денеска ги нарече неверници сите кои повикуваат граѓаните да не одат во храмови и се против светата причест. Свештеникот смета дека ако се укине литургијата црквите ќе се претворат во музеи, споменици на културата или фолклорни друштва.
*поврзана вест (ВИДЕО) Свештеници го осветуваат Кавадарци против коронавирусот и ги поттикнуваат граѓаните да одат во црква

„Првите кои излегоа и предложија да се затворат храмовите и да не се служи света литургија се токму оние лажни верници кои никогаш не се причестиле со Христос. Ѓаволот не мирува и не спие и сака да ги оддалечи луѓето од светото крштение и светата причест. Сведоци сме на такви дејства, насочени против крштевките и причестувањето во храмовите. Во време на пандемија, кога секаде се труби за тоа, во меѓувреме фабриките со стотици вработени работат со полна пареа. Некој нам ни се заканува дека во храмовите ќе се проширела заразата и од светата причест ќе се разболеле верници. Што друго да подразбереме освен тоа што ѓаволот користи некои луѓе за да му наштети на верниот народ и да и напакости на светата црква“,велат свештениците.
ќе изјави еден од свештениците во Кавардци.
Според владиката Тимотеј, црквата не може на верниците да им забрани да одат во храмовите, но и таа посета на храм треба да биде според препораките за однесување во услови на коронавирус.
„Треба да се почитува регулативата и да се биде на дистанца барем еден метар. Оние верници што се болни или се со симптоми, а и повозрасните верници, нека се воздржат, нека седат дома, не е ништо страшно“,
додава владиката Тимотеј.
Свештениците од цела Повардарска епархија денеска организирано ги осветуваа градовите. Епархијата ги опфаќа Кавадарци, Велес, Неготино, Валандово, Богданци и Демир Капија и е под водство на митрополитот г. Агатангел.
Претходно, сите поглавари на верските заедници во земјава на средба со техничкиот премиер Оливер Спасовски постигнаа согласност дека и верските заедници и верниците треба да бидат на ниво на одговорноста за да се придонесе кон спречување на ширење на болеста и несакани последици.
*поврзана вест: (ФОТО+ВИДЕО) Цела Повардарска епархија ги осветува градовите против коронавирусот