Изборите би требало да се одржат на 25 октомври годинава. Александар Вучиќ, кој е актуелен претседател на Србија, порача дека за него е голема чест што е едногласно избран за кандидат на СНС за премиер на претстојните избори и укажа дека една од најголемите причини за тоа е што не постои партија која поодговорно ги чува и штити националните и државните интереси на Србија
Поради доаѓањето на Вучиќ на седницата на главниот одбор на владејачката партија во Ниш, на протест се собраа студентите во блокада, граѓани и ветерани што ги поддржуваат

Александар Вучиќ, актуелниот претседател на Србија, е избран за кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори што би требало да се одржат на 25 октомври годинава.
Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија (СНС) денеска одржа седница во Народниот театар во Ниш. На неа присуствуваше членот на претседателството на партијата и претседател на Србија, Вучиќ.
„Констатирам дека главниот одбор на Српската напредна партија донесе едногласна одлука на идните избори да настапиме со листата ‘Александар Вучиќ, обединета Србија’, дека носител на листата и прв на листата е Александар Вучиќ и дека Александар Вучиќ е нашиот кандидат за претседател на Владата“,
изјави претседателот на СНС, Милош Вучевиќ.
На крајот од седницата тој ги повика членовите на партијата да се подготват за прибирање потписи за претстојните избори.
„Започнува кампањата, изборите се тука пред нас. Како што рече претседателот Вучиќ, одиме да победиме!“,
порача Вучевиќ.
Александар Вучиќ порача дека за него е голема чест што е едногласно избран за кандидат на СНС за премиер на претстојните избори и укажа дека една од најголемите причини за тоа е што не постои партија која поодговорно ги чува и штити националните и државните интереси на Србија.
„Она што за нас е од пресудно значење е на листата да имаме млади луѓе. И гледајте да имате што е можно повеќе млади луѓе“,
рече Вучиќ.
Тој рече дека идната влада треба да биде брза и ефикасна, а би ја сочинувале претседател на владата и 12 министри. Предложи секој иден министер седниците на колегиумот на своето министерство најмалку двапати месечно да ги одржува во внатрешноста на Србија, а не во Белград.
„Тоа е моја идеја и тоа е мое ветување, ние мора да ја промениме, да ја консолидираме структурата на Владата на Србија. Ги научивме сите лекции сега. Нас ни е потребна ефикасна, брза, енергична влада, во која се знаат и се поставуваат принципите на одговорност. Затоа, јас подготвив како би требало да изгледа новиот закон за министерства и за влада, и тоа, кога ќе поднесам оставка како претседател на републиката, ќе ѝ го покажам на јавноста“,
рече Вучиќ.
Поради доаѓањето на Вучиќ на седницата во Ниш, на протест се собраа студентите во блокада, граѓани и ветерани што ги поддржуваат.
