Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања и ние сме посветени на неговата имплементација, е ставот на Владата во врска со меморандумот што Софија го достави до земјите – членки на ЕУ, во пресрет на првата меѓувладина конференција.
„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство“,
истакнуваат од Владата.
Во таа насока, тврдењата и изјавите кои содржат навреди, се оценува дека не водат кон пријателство.
„Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на взаемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни“,
велат од Владата за МИА.
Притоа се нагласува дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт.
„Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици кои се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21-от век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство“,
посочуваат од Владата.
Во меморандумот, официјална Софија посочува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“. Бугарија ги повикува властите во Скопје да „раскинат со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Бугарија било причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.
Поврзани вести:
Ѓоргиев за Дојче веле: Меморандумот од Бугарија не придонесува за успешна работа на Комисијата