Повикувајќи се на одредби од договорот меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум, Николоски рече дека ако во рок од 45 дена од неговото потпишување не се обезбеди поголема работна недела, Владата презела обврска еднократно да ѝ исплати на ‘Бехтел’ 53 милиони евра пенали, потоа секој месец да доплаќа по уште 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци и на ова дополнително да плаќа по уште 900 000 евра секој месец
Ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум.
Ова во вечерашното гостување на ТВ Сител го објави потпретседателот на опозииската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој кажа дека имал увид во договорот што Владата го потпишала со „Бехтел и Енка“ и дека ова ексклузивно го соопштува јавно.
Повикувајќи се на договорот, Николоски рече дека ќе се плаќаат пенали по три основи доколку времетраењето на работната недела не се смени во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ‘Бехтел’ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“,
рече Николоски.
Потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека Владата се обврзала и на тоа за секоја делница да се даваат по дополнителни шест месеци рок на изградба, со што, рече Николоски, тие пет години во коишто беше споменувано дека ќе се завршат делниците, значи дека ќе станат седум и пол години.
Ја повика власта да каже дали ваквите наводи се точни, иако повтори дека се точни зашто имал увид во договорот.
Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д Владата го потпиша на 8 март годинава, па досега се поминати 33 дена.
Пратениците денеска ја усвоија потребата од носењето на измените на вкупно осум закони по скратена постапка и тоа: за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
Работниците ќе работат неограничено прекувремено
Со предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, власта повторно сака да издејствува работниците што ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите да работат повеќе од 40 часа неделно. Ваков обид Владата имаше преку специјалниот закон за изградба на делници од коридорите 8 и 10-д, кој предвидуваше работно време од 60 часа неделно. Имено, стануваше збор за член 12 со кој се регулираше дека работното време на работниците ангажирани за изградба на коридорите „може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”. Лани во март уставните судии овој член од Законот го оценија како неуставен и го укинаа.
Сега, пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот. Истовремено, не се наведува колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часа дополнително може да работи еден работник.
Меѓу законите за кои беа предвидени измени беше и Законот за заштита на културното наследство по скратена постапка. Сепак, по многубројните реакции во јавноста, пратениците од власта на денешната седница во Собранието ги повлекоа предложените измени за овој закон.
Сите осум предлог-законски измени кои се најдоа на дневниот ред на денешната итна собраниска седница се поврзани со изградбата на автопатските делници од споменатите коридори кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Предлагачи на измените и дополнувањата по скратена постапка се пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.