Владата на денешната седница донела одлука за поништување на пет распоредувања на работно место во МВР кои во текот на овој месец ги донел техничкиот министер Наќе Чулев.
Станува збор за три решенија и две наредби:
- решение од 14.02.2020 година со кое Ивана Китановска се распоредува на работно место соработник систем-специјалист во Одделение за заеднички работи во РЦ за ГР Исток во БЈБ;
- решение од 14.02.2020 година со кое Виолета Веселиновска се распоредува на работно место виш инспектор за гранични проверки во РЦ за ГР Исток во БЈБ;
- решение од 06.02.2020 година со кое Aлександар Матовски се распоредува на работно место полицаец во ПС од ОН Тетово, СВР Tетово во БЈБ;
- наредба од 17.02.2020 година со која Вице Столески од работното место началник на Одделение за информациска безбедност, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавност и стратешки прашања се задолжува да извршува работи и задачи, во Организациони единици за потребите на Министерството;
- наредба од 17.02.2020 година со која Зоран Јанаќијев од работно место Командант на Единица за брзо распоредување се задолжува да извршува работи и задачи во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ.
Во владиното соопштение не се наведени причините поради кои се поништени решенијата.
Ова не е првпат Владата да поништи решенија на Чулев. Пред околу една недела беа поништени 89 решенија за распоредување.