Исклучок од рестрикциите има за организирање семинари од страна на МОН, а наменети за наставниот кадар, но и за одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика
Владата и формално на денешната седница ја потврди одлуката за продолжување на актуелните рестриктивни мерки за заштита од ковид-19 до 27 април.
По препорака на Комисијата за заразни болести, вчера Главниот координативен кризен штаб одлучи да ѝ препорача на Владата да ги продолжи мерките за уште една недела, што сега и официјално е прифатено на владината седница.
Тоа значи дека уште една недела остануваат на сила следните мерки: полициски час од 20 часот до 5 часот наутро; затворени угостителски објекти, кои може да работат само со продавање храна преку штанд или со достава; работа на обложувачниците само преку шалтер или пулт; затворени фитнес-центри и спортски сали и забраната за семинари, обуки и конференции.
Меѓутоа, има два исклучоци.
Едниот се однесува на дозвола за организирање семинари, обуки, работилници, курсеви и конференции од страна на Министерството за образование и наука (МОН), а наменети за наставниот кадар.
„Исклучок се донесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите“, соопштија од Владата.
Што по 27 април?
Доколку продолжи трендот на опаѓање на новозаразени со ковид-19 и бројот на хоспитализирани пациенти, Комисијата за заразни болести препорачува да има ублажување на мерките. Предлогот за ублажување, како што вчера беше најавено, Главниот координативен кризен штаб ќе го разгледува наредните денови, но исклучително под услов да продолжи трендот на намалување.