„Согласно Законот, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документ – во спротивно не произведува правно дејство“, велат од владината прес-служба
Владата денеска на седница поништила пет наредби за кадровски прераспределувања и распоредувања во подрачни сектори на Министерството за внатрешни работи (МВР) и во Бирото за јавна безбедност, бидејќи биле со едностран потпис, односно биле потпишани само од техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ова вечерва го соопштија од владината прес-служба, посочувајќи дека ваквите акти биле прогласени за ништовни од Владата, како второстепен орган по укажување на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев.
Оттаму посочуваат дека ваквата одлука произлегува од Законот за Влада на Република Северна Македонија, заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
„Согласно Законот, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документ – во спротивно не произведува правно дејство“,
соопштија од владината прес-служба.
Некаде на почетокот на функцијата, министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека Владата му го ускратила законското право да изврши 15 разрешувања или распоредувања на носители на раководни позиции во МВР.
Не му е прифатен предлогот за смена на началникот на СВР Тетово, што, според Тошковски, фрла огромна дамка на целиот изборен процес.
„Aпсолутно е нејасно и правно неиздржано и никако не може логички да се објасни, освен со некои вакви претпоставки, зошто само СВР Тетово не треба да има двајца началници како сите други СВР кои треба да го гарантираат овој процес. Еве јас ќе поставам прашање, нели целта на една техничка влада е да се испочитува Законот за влада и да се има некоја гаранција на целокупната територија во Македонија, или тоа не важи за Тетово и Гостивар, пошто Гостивар влегува под СВР Тетово“,
реше Тошковски.
Тошковски информира и дека ги информирал ОБСЕ-ОДИХР и стратешките партнери за опструкциите и вели оти и тие изразиле сериозна загриженост поради немањето правно образложение од Владата за одбивањето СВР Тетово да влезе меѓу 15-те смени.
Според него, поништени се околу 60 одлуки за поставување на лица на менаџерски функции во управните служби, а кои биле во рамки на закон, со што, вели, Владата наместо да ги спроведува законите, работи селективно и по сопствено убедување.
Имено, законот му овозможува на министерот да изврши и хоризонтални распоредувања до 10 отсто од просекот на распоредувањата во претходните две години.