За оваа цел, општина Ресен доби 44 милиони денари, а Дојран 30 милиони
Одлуки за одобрување првични средства за ревитализација на Преспанското и на Дојранското Езеро донесе Владата на денешната седница.
Од буџетот за 2020 година се одобрени средства во износ од 44.000.000 денари на општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанското Eзеро. Ваква Одлука за одобрување на средства во висина од 30.000.000 денари од буџетот за 2020 година Владата донесе и за општина Дојран за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Eзеро.
На оваа седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата со анализа и акцискиот план за Преспанското Езеро, подготвена од експертската работна група.
Во неделата, при посетата на Преспанскиот регион, премиерот Зоран Заев најави првични 80 милиони денари за езерото, посочувајќи дека проектот за негова ревитализација ќе се реализира во три фази.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави денеска дека е изработен итен акциски план за заштита на Преспанското Езеро, кој е придружен и со финансиска конструкција.
Тој се надева дека активностите од овој план ќе почнат наскоро да се спроведуваат и на таков начин, како што рече, ќе се намалат антропогените притисоци врз оваа клучна жешка точка на биодиверзитетот што ги трпи последиците од климатските промени од природните циклуси и осцилации, но, и често од неодговорно однесување на човекот кон природата.

Јавноста, додаде, е запознаена со долгогодишниот тренд на намалување на водата на Преспанското Езеро, што веќе достигна алармантни размери. За спречување на ваквиот тренд, нагласи тој, потребна е соработка и со Албанија и со Грција.
„Централната и локалната власт, заедно со експертите, се занимава со ова прашање од почетокот на годината, и тоа на национално и меѓународно ниво. Во првите 100 дена од новиот мандат, јас имав и директни средби, а и телефонски разговори со ресорните министри, со високи претставници на Албанија и на Грција, со цел започнување на работата на трилатералниот Преспа парк“,
нагласи Нуредини.
