Редовната седница за пратенички прашања се очекува да почне со констатирање на оставката на Заев, доколку тој ја поднесе во текот на денешниот ден во Собранието, како и со оставката на Фадил Зендели од Беса од потпретседателското место во законодавниот дом
Со констатирање на оставката на премиерот Зоран Заев се очекува да почне утрешната редовна собраниска седница за пратенички прашања, доколку тој во текот на денешниот ден го извести и формално парламентот дека заминува од функцијата.
Премиерската оставка на Зоран Заев сè уште не е стигната во Собранието, каде што моментно се прават последните подготовки пред денешното годишно обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Според најавите, можно е Заев да ја достави оставката по обраќањето на Пендаровски, но речиси извесно е дека таа нема да биде констатирана веднаш, со оглед на тоа што за денеска не е закажана нова собраниска седница.
Првата нова седница е утре и тоа е седницата за пратенички прашања, за која собраниски извори велат дека е неизвесно дали ќе продолжи, со оглед на тоа што со констатирањето на оставката на Заев ќе биде во оставка целиот негов кабинет, кој, сепак, останува на должноста се до изборот на нова влада.
По констатирањето на оставката на премиерот, шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.
Во почетокот на утрешната седница се очекува да биде констатирана и оставката на пратеникот на Беса, Фадил Зендели, од потпретседателското место во парламентот, откако неговата партија ја напушти владејачката коалиција, во која потоа како нов партнер влезе Алтернатива.
Зендели ја поднел оставката на 9 декември, кога во Собранието веќе почна нова седница. Во известувањето до претседателот на парламентот, тој навел дека Беса отсега се позиционира како партија во опозиција.
Потпретседателското место на Зендели се најавува дека ќе го заземе пратеникот на Алтернатива, Хусни Исмаили, поранешен министер за култура во претходната влада на Заев.