Вицепремиерот рече дека за конкретниот случај со ИРЛ може да апелира до судиите кои судат вакви случаи да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавјето 23 за медиумските слободи
Слободата на медиумите е апсолутна и не смее да биде загрозена. Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не. Тоа е целосно препуштено на новинарската фела, а правото на протест е сосема легитимно, особено кога новинарите се чувствуваат загрозено, одговори денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на новинарски прашања во врска со судската пресуда за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и денешните протести на новинарите поради овој случај.
Посочи дека Владата не заседавала по ова прашање и дека ќе изнесе негов личен став, кој сепак произлегува од постулатите на кои се заснова оваа владејачка гарнитура.
Маричиќ е дециден дека слободата и демократијата за оваа влада се апсолутни вредности и тука не може да се прават никакви компромиси.
Напомена дека Владата целосно стои зад заштита на медиумските слободи и околу тоа, како што потенцира, никој не треба да има дилеми. Тој порача, судиите кои судат вакви случаи, да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавјето 23 за медиумските слободи.
Според вицепремиерот, ако новинарите оценат дека треба, Владата е подготвена да разговара и да донесе соодветни законски измени за тие да се чувствуваат позаштитено и за уште повеќе да се зајакнат медиумските слободи.
„Да немате дилеми дека Владата целосно стои зад заштита на медиумските слободи. Слободата на медиумите е апсолутна и не смее да биде загрозена. Може да биде ограничена само под законски услови, по меѓународни стандарди од меѓународните конвенции кога се работи за говор на омраза или слично. Конкретната пресуда вие ја оценувате како скандалозна, но пресуда се укинува само со друга пресуда на повисок суд и може да се промени. Мој апел може само да биде до судиите кои судат вакви случаи, да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавјето 23 за медиумските слободи. Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не. Тоа е целосно препуштено на новинарската фела и мислам дека новинарската фела таа можност треба да ја искористи, да ја зајакне саморегулацијата заради заштита на сопствената професија. Така ќе помогне и на Владата, а Владата е целосно подготвена ако новинарите, нивните здруженија или генерално медиумската фела смета дека е потребна дополнителна законска измена за да се зајакне заштитата на новинарите и на медиумските слободи и за новинарите да се чувствуваат позаштитено, тоа да го слушне, да го разговара и да предложи такви соодветни законски измени“,
истакна Маричиќ.
Тој потсети дека во сите извештаи на Европската комисија се регистрирани активните напори на оваа Влада за подобрување на позицијата на новинарите, уважување и унапредување на медиумските слободи, како и зајакнување на новинарската професија.
„Да не заборавиме дека во скоро време годинава беа усвоени измените на Кривичниот законик каде се зајакнува заштитата на новинарите од напади на говор на омраза, закани или други видови загрозувања, а направивме и измена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета каде за десет пати се намалија казните за навреда и за клевета. И лично сум работел на тоа како министер за правда и ги имам предложено двата закона“,
заклучи Маричиќ.
Новинарите денеска пред Граѓанскиот суд во Скопје одржаа протест поради пресудата за ИРЛ. Протестот го организираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Новинарите на ИРЛ на денешниот протест ставија самолепливи ленти на усните, на тој начин симболизирајќи оти некој се обидува да ги замолчи и цензурира нив и нивната истражувачка работа.
Во неодамнешната пресуда на Граѓанскиот суд против Истражувачката репортерска лабораторија, која беше главен повод за денешниот протест, се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум, односно не е здружение за „новинарски известувања“, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.