Ваквата законска можност се посочува како проблематична во однос на заштитата на јавниот простор. Архитектката Даница Павловска посочува дека е потребно да се направат промени кои ќе предвидуваат купување земјиште од државата во случаи кога приватниот сопственик има најмалку 70 отсто од парцелата
Во плановите на Министерството за транспорт и врски не е предвидена промена на овие законски одредби, со кои, како што велат, е овозможено да се реализираат урбанистичките планови
Општина Центар во моментов постапува по 11 барања за продажба на државно градежно земјиште кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје. Барањата ги поднеле приватните сопственици на тамошните објекти, а каков исход ќе имаат, локалната власт не сака да прејудицира бидејќи тие се во почетна фаза.
Дали државното земјиште на оваа атрактивна локација ќе се продаде како што беше случај и со просторот спроти хотелот „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје, како што велат од локалната власт, зависи од многу фактори.

„Сите барања се поднесуваат електронски, преку системот gradezno-zemjiste.mk, кој за жал, не дава опција за пребарување по локацијата која е предмет на Ваш интерес. Меѓутоа, од информација добиена од страна на овластено лице, во моментов се постапува по 11 барања кои се однесуваат на отуѓување градежно земјиште сопственост на државата, на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со закон, за утврдување на правен статус на бесправен објект, врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижност. Каков ќе биде финалниот исход по овие барања, а и за кое било друго барање, во моментов не може да се прејудицира, од причина што зависи од многу фактори, а постапките по овие 11 барања се сè уште во почетна фаза“,
е одговорот кој го добивме од Општина Центар на прашањата колку барања за оформување на градежна парцела се поднесени и има ли одлука во врска со нив.
Ова е една од последните локации во центарот на Скопје, каде што сè уште не почнало да се гради. Паралелно со барањата за оформување на градежна парцелата, општинските власти ја тераат и постапката за јавен конкурс за уредување на атрактивниот простор со цел да се најде компромис меѓу јавниот и приватниот интерес. Градоначалникот Саша Богдановиќ, пред десетина дена кажа дека го потпишал решението за долгонајавуваниот јавен конкурс, а деновиве огласот треба и јавно да биде објавен.
Што предвидува Законот?
Она што им овозможува на сопствениците на приватното земјите да бидат „привилегирани“ и да го купат остатокот од земјиштето чиј сопственик е државата, е Законот за градежно земјиште кој предвидува дека ако некој поседува 30 отсто од една градежна парцела, може со непосредна спогодба со државата да го купи остатокот од парцелата, кој е во државна сопственост, и да ја оформи парцелата. Ваквата одредба е предвидена во членот 15 од Законот за градежно земјиште каде во ставот 4 се набројани случаите во кои со непосредна спогодба се продава градежното земјиште сопственост на Република Македонија а во една од точките се вели:
„За оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост 30% од градежната парцела“.

За да се стекне со државното земјиште преку непосредна спогодба, понатаму во членот 68 се предвидени и доказите кои сопственикот треба да ги поднесе со барањето, како извод од урбанистички план, геодетски елаборат, имотен лист дека е сопственик на 30 отсто од градежната парцела итн.

По овој терк беше продадено и државното земјиште спроти хотелот „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје, што е причина неретко во јавноста да се прави споредбата помеѓу двата случаи. Таму, за 19 200 денари (312 евра) по квадрат беа продадени 9 048 квадрати државно земјите за оформување на парцела каде како сопственици се јавуваат „МГ фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“.
Законски измени – потребни или не?
Претседателката на Државната комисија за борба против корупцијата токму во овие одредби, како што неодамна изјави, гледа можност за законска корупција и побара да се пристапи кон измена на регулативата.
Ваквата законска можност која и натаму егзистира, според архитектката и поранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти Даница Павловска, нема ниту правна ниту математичка логика. Како може да добиете едно цело, ако поседувате само една третина, прашува таа.
„Апсолутно процентот треба да се промени. Треба да биде барем обратно, ако имате 70 проценти да можете да го купите остатокот за дооформување на парцелата. Максимумот кој може да се купи да биде до 30 отсто. Во некои минати времиња тоа беше 10 проценти односно вие можевте да оформите парцела ако имате 90 отсто од парцелата и ако тоа има урбанистичка логика“,
вели Павловска.
Покрај стручната, пред околу година и половина и општата јавност со потписи го крена гласот против ваквото законското решение. Со распишана петиција, се бараше драстично зголемување на процентот кој треба да го има сопственикот за да може да го докупи остатокот од парцелата – односно актуелните 30 отсто да станат 80.
„Бараме под итно со скратена постапка да биде донесен нов член од овој закон со кој лицето кое сака да ја дооформи парцелата ќе треба да има 80% од градежната парцела за да може да го докупи остатокот кој е во државна сопственост. Во Законот за градежништво излезен во Службен весник број 15 од 02.02.2015 година (првично донесен 2008 година), член 15, стои дека за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела, државата може да го отуѓи и да го продаде на сопственикот во непосредна спогодба! Сведоци сме дека во време на мораториум во општина Центар се случи токму ова, окрупнување на градежната парцела спроти хотел ’Холидеј ин‘ за изградба на висококатници без притоа воопшто да се почитува законот за урбано зеленило и без да се внимава на условите за хумано живеење“,
пишува во дел од петицијата што тогаш ја потпишаа над 11 000 граѓани.

МТВ не размислува за промени – какво е расположението во партиите?
Овој закон, кој е стар повеќе години, до денес не претрпе промени, а според одговорот кој го добивме од Министерството за транспорт и врски (МТВ) тоа нема да се случи ни во иднина. На прашањето каков е ставот во врска со членот 68 во Законот за градежно земјиште, кој се однесува на можноста сопственикот кој има повеќе од 30 проценти од градежната парцела, со неспоредна спогодба со државата да го купи и остатокот и дали планираат негова измена, од МТВ одговараат дека не предвиделе такво нешто. Во објаснувањето наведуваат дека можноста сопственикот кој има 30 отсто да го купи и остатокот од градежната парцела е предвидена за да се реализираат урбанистичките планови што се добро од јавен интерес.
„Постапката за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, со непосредна спогодба по основ на оформување на градежна парцела е предвидени со цел овозможување на реализација на важечки урбанистички план. Имено, согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, реализацијата на урбанистички планови и урбанистичко планската документација претставува добро од јавен интерес, а врз основа на тоа и со цел изградба на е предвидените објекти (кои би можеле да се градат само со 100% сопственост на градежното земјиште во рамки на градежната парцела) предвидено е сопствениците на повеќе од 30% од вкупната површина на градежната парцела да можат да извршат откуп на останатата површина од градежната парцела доколку е во сопственост на РСМ. Имајќи го предвид јавниот интерес, преку реализацијата на урбанистичките планови, како и имајќи предвид дека законскиот услов за повеќе од 30% приватна сопственост (во рамки на градежната парцела) претставува соодветна површина, Министерството за транспорт и врски нема предвидено динамика за измена и дополнување на Законот за градежно земјиште“,
пишува во одговорот што го добивме од Министерството за транспорт и врски.
Сепак, расположението на пратениците за ова прашање наскоро би можело да се најде на тест, со оглед дека коалицискиот партнер во власта, ДОМ, веќе врши консултации и размислува да поднесе предлог-измени на Законот.
„Јас размислував на темата, сметам дека тоа е една од причините за она што ни се случува изминатиот период. Мислам дека барем треба да се зголеми процентот од 30 отсто. Со ваква едноставна измена можеме да придонесеме во заштитата на јавниот простор“,
вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
Ставови „за“ и „против“ – сега и претходно

Од најголемата владејачка партија, пак, во речиси идентичниот одговор како и од МТВ, нагласуваат дека отуѓувањето на државното земјиште со непосредна спогодба е предвидено со цел да се реализираат урбанистичките планови кои се јавен интерес. Сепак, разликата е во последната реченица во која од Бихаќска оставаат подотворена врата односно велат дека за евентуални законски измени треба да направат консултации со општините бидејќи, според законските измени од 2019 година, тие се оние што ги водат постапките за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост.
„Според одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, реализацијата на урбанистички планови претставува добро од јавен интерес. Имајќи го предвид јавниот интерес, а со цел изградба на предвидените објекти (кои би можеле да се градат само со 100% сопственост на градежното земјиште во рамки на градежната парцела) Законот предвидува сопствениците на повеќе од 30% од вкупната површина на градежната парцела да можат да извршат откуп на останатата површина од градежната парцела доколку е во сопственост на државата. Бидејќи постапките за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, согласно Законот за изменување и дополнување на законот за градежно земјиште (’Сл. весник на РСМ‘ бр. 275/19) се водат од страна на општините, сметаме дека треба да се направат широки консултации со општините за евентуална промена и примена на ова одредба“,
велат од СДСМ.
Пратеникот од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој е и претседател на собраниската Комисија за транспорт и врски, во телефонски разговор посочува дека станува збор за член од Законот кој е стар повеќе години и дека досега не бил на дневен ред во парламентот, за да посочи како би се поставила партијата при евентуални предлог-измени. Неговиот личен став е дека вакво купување на градежно земјиште од државата, кога приватен сопственик поседува 30 отсто од парцелата е прифатливо во случаите кога се работи за случаи каде во прашање се објекти за домување како што се куќи.
Неговиот сопартиец и колега во актуелниот пратенички состав, Бране Петрушевски, пак, на пример, отворено поддржуваше законски измени кога беше поведена споменатата граѓанска петиција.
„Потписниците на петицијата се граѓани коишто се длабоко разочарани и изманипулирани од актуелната власт. Тие не сакаат да слушаат ЌЕ, сакаат измена на законот сега и веднаш, пред изборите! Како Претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Куманово, но пред сè како татко, сопруг, Македонец и жител на Куманово оваа петиција ја има мојата целосна поддршка. Петицијата е онлајн и очекувам дека СДС ќе смисли низа на административни и процедурално-правни пречки иницијативата да не дојде на седница во Собрание. Ние не сме СДС! Ние тоа што го ветуваме го исполнуваме! ВМРО-ДПМНЕ ги слуша потребите и проблемите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ работи за нивно решавање и создавање на услови за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани на Македонија и кога е власт и кога е опозиција! Затоа, ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Р Македонија да ја разгледаат, поддржат петицијата и во најкус можен рок да поднесат предлог измена на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, согласно барањата во петицијата“,
пишуваше Петрушевски во ноември 2019.

Ако се прегледаат архивите од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, пак, улогите беа обратни. Тогаш СДСМ беше на став дека ваквото законско решение може да поттикне корупција. Во 2008 година кога се правеа измени во однос на тоа колку проценти да добиваат општините, а колку државата од закупот или продажбата на државно градежно земјиште, социјалдемократите од опозиција преку амандман бараа и бришење на одредбата која овозможува дооформување на парцела доколку некој поседува 30 проценти. Тогаш тоа беше предвидено во член 14 од Законот за градежно земјиште, а непосредната спогодба се правеше со министерот за транспорт и врски, на што СДСМ жестоко се спротивставуваше и бараше таква можност да има доколку некој поседува 50 проценти плус еден од парцелата.
„Практично со ваквото решение каде доволно е да имате 30% од некоја парцела и плус да имате можност министерот со непосредна спогодба да му даде градежно земјиште на којшто сака, по која цена сака и колку сака, се легализира корупцијата во една исклучителна област, којашто, ние можеме и 100% да ја дадеме на општините, но кога менаџирањето го прави некој друг тогаш општините немаат никаква врска освен што под диктат, како во Центар, да ги гласаат деталните урбанистички планови коишто се оспорени од експертската јавност. Тоа е повлечено и на Уставниот суд и е реална закана да го претвори плоштадот во овој момент во Алкатраз, а потоа да го претвори во едно апсолутно неурбано градење коешто ќе го руши ликот на плоштадот“,
вели Макрадули, откриваат стенографските белешки од третото продолжение на 28 седница на тогашниот парламентарен состав одржано на 10 ноември 2008 година.

Во која земја во светот постои некој да поседува 30% од земјиште од една градежна парцела и да побара во четири очи државата да му даде 70%, прашувал и Никола Ќурчиев, еден од повеќето пратеници од СДСМ кои дебатирале на истата собраниска седница.
ВМРО-ДПМНЕ, тогаш од позиција на власт, се спротивставуваше на бришење на членот кој овозможува дооформување на парцела со непосредна спогодба во случај кога некој има сопственост на 30 отсто. Оливер Шамбески во реплика тогаш го потсетува Макрадули дека Собранието претходно веќе дебатирало на оваа тема и заклучило дека е „многу поедноставно и подобро за бизнисот и за функционирањето на државата во однос на дооформувањето на парцелите“. Тој тогаш додава и дека ваквото решение е во интерес на поедноставување на процедурата, наместо да се заглавува во бесконечни парници.

Од стенографските белешки може да се забележи и дека тогашното владејачко мнозинство го бранело законот со слични аргументи како и сегашната власт на СДСМ односно дека законот јасно предвидува таква можност за да се реализираат урбанистичките планови.
„Во ставот 4 се кажува јасно и недвосмислено за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистичкиот план. И понатаму кажува, вели – доколку лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела и ако во планот за таа градежна парцела не е приведено изградба на објект од јавен интерес“,
вели во еден дел од дебата тогашната пратеничка Катерина Димеска.

„Холидеј ин“, „Треска“, „Мериот“, Маврово …
Нема основа за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што, меѓу другото, требаше да се стопира изградбата на згради кај паркингот спроти „Холидеј ин“ и на просторот на поранешната фабрика „Треска“.
Ова е една од последните вести поврзани со двете атрактивни локации во центарот на Скопје. Таа мината недела пристигна од Министерството за транспорт и врски каде на брифинг со новинарите објави дека стручната комисија утврдила дека Општина Центар ги промашила елаборатите за суспензија.
Во првичните изјави по оваа информација, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, најави дека одговорите на Министерството ќе ги достави до советниците, кои понатаму ќе одлучат како би продолжила постапката.
Она што е познато од претходно за локацијата кај „Треска“, е дека додека Општината најавува јавен конкурс за уредувањето на просторот, инвеститорите чекаат одобрение за идејните проекти за градба, како и дека ги поднеле барањата за доокрупнување на дел од парцелите. Тие планираат да градат според Деталниот урбанистички план од 2012, во кој се предвидени десетици наредени една до друга, по што станаа познати како „наполитанки“.
Кај „Холидеј ин“, пак, инвеститорите чекаат одобрение за градба, а во јавноста веќе го презентираа и проектот со висококатниците. Таму инвеститорите, фирмите „Фешн груп“ и „Обновители“ во 2018 веќе ја оформија парцелата и купија 9 048 квадрати метри со оглед дека претходно поседуваа 4 605 квадрати. За квадрат тие на државата и платија по околу 312 евра, а тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски, тврдеше дека морале да овозможат оформување на парцелата бидејќи тоа го налага законот и владина уредба донесена уште во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – од 20 август 2016. За овој случај Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) бараше да се вклучи и Обвинителството за да се испита како можело да се донесе Детален урбанистички план кој не е во согласност до Генералниот. Во која фаза е постапката и дали евентуално се опфатени и други аспекти освен носењето на ДУП-от, од Обвинителството не добивме одговор до објавување на овој текст.
Градењето на двете локации подолг период градењето не беше можно поради мораториум во Општина Центар. Но, Уставниот суд неодамна ја укина ваквата одлука на локалните власт. Истите подолг период се во фокусот на јавноста, но не се единствените за кои се крена прашина.
Медиумите изминатиот период, пишуваа и за други атрактивни локации каде по рецепт на „Холидеј ин“, којшто се применува и за „Треска“, се случи оформување на градежни парцели. Истражувачката репортерска лабораторија, лани пишуваше за ваков случај во Маврово односно за комплексот „Маврово Резиденс 2“, каде инвеститори откупуваат од приватни лица земјиште од 8 373 квадрати метри, а за дооформување на парцелата со уште 627 метри квадрати, сопственост на државата, ја користат законската можност за да го откупат бидејќи поседуваат повеќе од 30 отсто.
Истата законска можност беше искористена и пред повеќе од 10 години за случајот со хотелот „Мериот“, каде еден од сопственици подоцна стана и семејството на Сашо Мијалков. Во истражување на „Бирн“ се наведува дека бизнисменот Александар Ивановски, познат и како Алек Теранова, во 2007 и 2008 откупил две парчиња земја на местото каде што денес е хотелот, а за да заокружи градежната маркичка, потребно било да го купи и соседното државно земјиште.
„Со оглед дека поседувал повеќе од 30 проценти од целата градежна парцела се квалификувал да ги откупи останатите 793 државни квадратни метри во непосредна спогодба или популарно кажано со договор во четири очи. Законот го дозволува тоа. И затоа во јуни 2009 ги купил преостанатите квадрати преку договор кој во име на Република Македонија го потпишал тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески“,
пишуваше „Бирн“ во истражувањето објавено во ноември 2008.