Додека се чека одлука од Уставниот суд, Владата го прецизира нацрт-договорoт за изградба на автопатските делници во директни преговори со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за што и пратениците изгласаа посебен закон
Антикорупционерите пред Уставниот суд го оспоруваат специјалниот закон за изградба на автопатите, со образложение дека тој носи висок ризик за корупција и судир на интереси и дека го суспендира правниот систем во државата. Од Уставен за „360 степени“ велат дека иницијативата за законот е во процедура, но не се знае кога точно Судот ќе се произнесе за неа
Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, како и министрите Фатмир Бесими и Благој Бочварски денеска се сретнале со менаџментот на „Бехтел-Енка“, американско-турскиот конзорциум со кој е потпишан меморандум за изградба на неколку автопатски делници, за што експресно се изгласа и посебен закон во Собранието. Станува збор за изградба на делови од коридорите 8 и 10, односно за делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, Струга-Ќафасан, како и Прилеп-Битола, за што власта го заобиколи Законот за јавни набавки и сака да ги гради со директен договор со „Бехтел-Енка“.

Иако Државната комисија за спречување на корупцијата го оспори законот пред Уставниот суд, од Владата преку писмено соопштение велат дека додека трае постапката за добивање мислење од Судот, постојат одредби од меморандумот кои овозможуваат работа и прецизирање на нацрт-договорот, како што велат, во интерес на времето.
„Додека трае постапката за добивање мислење од Уставниот суд, кое го побара Државната комисија за спречување на корупцијата, во интерес на времето постојат одредби од меморандумот кои овозможуваат работа и прецизирање на нацрт-договорот кој треба да биде одобрен од двете страни за да се затвори правната постапка којашто ќе овозможи реализација на предвидените инфраструктурни проекти, беше речено на оваа средба“,
пишува во соопштението на владината прес-служба.
Антикорупциска го оспорува законот пред Уставниот суд со образложение дека тој носи висок ризик за корупција и судир на интереси и, во суштина, го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.
И невладини организации предупредија дека ексклузивните преговори со само една фирма за крупни инфраструктурни проекти носат сериозни корупциски ризици.
Од Уставниот суд за „360 степени“ велат дека иницијативата за законот е во процедура и не се знае кога точно Судот ќе се произнесе за неа.