Премиерот очекува трендот на намалување на цените да продолжи и во деновите што следат

Доколку трговците повторно ги зголемуваат цените на основните производи, ќе следува жестока реакција од Владата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска потврди дека одредени трговци ги имаат зголемено цените пред да има поевтинување на производите опфатени со новогодишната кошничка.
Откако ова е утврдено, Владата најави дека е можно да има замрзнување на цените доколку продолжи трендот на покачување на цените.
„Моравме да интервенираме и да покажеме колку сме сериозни во намерата, не може одредени трговци на грбот на граѓаните да остваруваат дополнителни екстра профити. Тие ги намалија цените пред Нова година, некаде 10, некаде 15, некаде и повеќе проценти. Очекувам овој тренд да продолжи и во деновите што следат“,
рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на пуштањето во употреба на спортската сала „25 Мај“ во Општина Радовиш.
Тој вели дека на дневна основа се следат цените на основните производи.
„Ако ги гледаме профитите што ги остваруваат трговските ланци, ќе дојдеме до закулучок дека помеѓу условно кажано најуспешните компании 10, 15, 20, гледаме такви трговски ланци, а конјунктурата на бизнисот не е сменета, не е драматично зголемена потрошувачката, ниту, пак, има некои иновативни методи, туку станува збор за покачување на цените и тоа не е добро. Го следиме тоа на дневна база преку Државниот пазарен инспекторат и жестоко ќе реагираме ако повторно видиме дека се случуваат несакани појави“,
додаде тој.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, минатата недела рече дека има изготвено одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи, веднаш ќе биде донесена одлука на Влада за воведување таква мерка.
Но, поради намалените цени на производите во маркетите, Дурмиши рече дека засега нема да се донесе одлука за нивно замрзнување.
Мерката новогодишна кошничка ќе трае до 15. овој месец, а со неа се опфатени леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напивки, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.