Евроамбасадорот, како што соопштија од Владата, на средбата ја потврдил посветеноста на Европската Унија за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изразил подготвеност за поддршка на клучните реформи и проекти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на која биле разменети мислења и ставови за тековните политички и економски прашања и за напредокот на државата во интеграцискиот процес кон ЕУ.

На средбата, Мицкоски, како што соопштија од секторот за односи со јавност на Владата, ја истакнал важноста на поддршката на Европската Унија за реформските процеси и стабилноста на земјата.
„Владата ќе продолжи да работи заедно со ЕУ во духот на партнерство и заеднички вредности“,
посочил Мицкоски.
Евроамбасадорот, од своја страна, на средбата, се додава во соопштението, ја потврдил посветеноста на Европската Унија за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изразил подготвеност за поддршка на клучните реформи и проекти предвидени во наредниот период.
„Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес“,
велат од секторот за односи со јавност на Владата.
Претходно денеска од Владата информираа за средба на премиерот Мицкоски со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата, Петра Дрекслер, на која ја нагласил важноста на партнерството со Германија.
„Германија е од наш голем значаен стратешки интерес, партнер и пријател. Нивната поддршка и соработка се од големо значење за нас. Ќе продолжиме да работиме заедно во духот на партнерство и заеднички вредности“,
изјавил Мицкоски на средбата.

Тековните политички и економски прашања, како и напредокот на демократските процеси во земјата биле главните теми и на вчерашната средба на премиерот со амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер.
Инаку, ова се први средби на Мицкоски со странски дипломатски претставници во земјава во својство на премиер, откако во неделата Собранието ја изгласа новата влада, а еден ден подоцна тој и министрите ги презедоа функциите.