Премиерот Зоран Заев на денешната 124. седница на Собранието, одговарајќи на прашањето на пратеникот Панчо Минов околу решавањето на старите долгови на граѓаните, истакна дека ќе се отпишуваат каматите и ќе се даде можност за плаќање на рати за главниот долг.
„Граѓаните се влезени во еден ‘пекол’, во еден бесконечен лавиринт од кој буквално не е возможно, не само граѓаните што се сега родители туку и нивните деца, да излезат од блокирани трансакциски сметки, замрзнати имоти, судски пресуди и дефинитивно таквите граѓани и кога бараат работа ја бараат на црно, затоа што ако бараат работа ќе им бидат земени парите. Тоа сето е еден комплексен систем кој мораме да го решаваме. Затоа тргнуваме со бришење на каматите и даваме можност за исплата на рати на главниот долг“, нагласи денеска Заев на собраниската говорница.
Тој нагласи дека, според нивните анализи, самите камати во огромен процент ги поминуваат дури и висините на основниот долг, што е катастрофално.
„Прво донесовме законски измени за намалување на трошоците за извршителите и нотарите, но тие не може ретроактивно да важат и затоа немаше голема рефлексија, но сите нови случаи од една година наваму до ден-денеска се веќе со нормализирани трошоци. Ова е сега втор обид што го правиме, со што дефинитивно имаме намера да им помогнеме на граѓаните, но кога го правиме тоа го правиме и за компаниите, да се избришат каматите што ги имаат по сите јавни претпријатија, државни институции, општински институции, установи – сè што претставува државен интерес, а во приватните со закон да го укажеме тоа прецизно, давајќи ги самите табели каде да се движат“, објасни Заев.