Владата денеска ја усвои Информацијата за исплата на пензии за август 2020 година.
Владата го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25 август, а им препорача на деловните банки од 26 август да ги обезбедат пензионерите со августовските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа, соопшти владината прес-служба.
Во заклучоците во врска со исплатата на пензиите за август 2020 година, им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
На 26 август (среда) исплата на пензии со висина до 11.000 денари; на 27 август (четврток) исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; на 31 август (понеделник) исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари; на 1 септември (вторник) исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Владата, како што се посочува, го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард Банка АД Скопје во другите деловни банки.
Тоа е со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 7 септември, 14 септември и 25 септември, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард Банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.