Карантинот се скратува од десет на седум дена за асимптоматски случаи и за лицата кои биле во контакт со заразен. Во самоизолација поради контакт со лице позитивно на коронавирусот не мора да одат вакцинираните на кои од последната доза не им поминале шест месеци или прележаните кои биле позитивни на вирусот во последните шест месеци. Сепак, и тие задолжително треба да ги почитуваат мерките за заштита односно да носат маски, да држат растојание, да прават дезинцекција на рацете и да избегнуваат групирање
За позитивните кои имаат симптоми, наведуваат од Владата, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура
Владата на денешната седница ги прифати препораките на Кризниот штаб и на Комисијата за заштита од заразни болести и ја скрати ковид-изолацијата на седум дена за асимптоматските случаи и за оние кои биле во контакт со заразено лице.
„Согласно овие препораки на лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со ПЦР тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест односно се асимптоматски случаи на ковид-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање)“,
соопштија од Владата.
За оние кои имаат симптоми, наведуваат од Владата, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.
Исклучоци од самоизолацијата за лицата кои биле во контакт со заразен
Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.
Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин има за оние лица кои исполнуваат еден од следните критериуми:
- Вакцинирани против ковид-19 со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци;
- Прележани лица чиј позитивен тест не е постар од шест месеци.
Иако овие лица како контакти не мора да одат во самоизолација, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI